Сашко Гешовски - заборавената страница од историјата
7 мај 2018Шести мај. Едни слават Ѓурѓовден, други трчаат на скопскиот маратон, владини претставници во рамките на еко-акција садат цвеќе во Дојран, МВР на градскиот стадион во Штип преку показни вежби го одбележува Денот на полицијата... Парковите насекаде полни, кафулињата исто така, дури ни молњите и силниот дожд не ја прекинуваат таа неделна нирвана. Деветнаестгодишни момчиња гласно се надвикуваат со прогнози за исходот од мечот меѓу Барселона и Реал Мадрид. Ги вртат имињата на фудбалерите, знаат сѐ до најситни детали за Суарез, Роналдо, Роберто, Бејл ...
Не знам дали би дале толку детални одговори ако ги прашав дали знаат кој е Сашко Гешовски. Се двоумам дали да ги прашам, поради страв дека ќе ми дадат одговор кој би ја поразил културата на нашето сеќавање, што не ја негуваме ни доволно ни достојно. Се тешам дека е барем добро што им се идоли спортисти, а не пропагатори на насилства и војни. И што „главен проблем“ тој ден им е како ќе заврши еден фудбалски меч. Впрочем, и не се тие виновни ако мислат дека мирот, слободата и спокојство е нешто што природно следува, нешто што паѓа од небото, на ист начин како што паѓа дождот кој го сакаме само кога нема да ни ги поплави нивите и инфраструктурно супстандарните населби. Виновни се возрасните, ние нивните родители, образовниот систем и воспитниот процес, бидејќи не успеваме да им вградиме свест дека ништо во животот не се добива на тацна, налик на онаа на која им беше послужено кафето. Од државни успеси до фудбалски резултати - за се е потребен труд, работа, вложување, посветеност, тренинг...
Имаат исто толку години колку што имаше и Сашко Гешовски во мај 1991 година. Во таа турбулентна година неговата генерација го немаше луксузот спокојно да гледа натпревари, да размислува каде ќе го помине годишниот одмор, на кој факултет ќе студира, во која дискотека ќе ја помине вечерта...
Во 11 часот на 6 мај пред 27 години, 19-годишното момче од Кавадарци кое го отслужуваше воениот рок во ЈНА, беше убиено во Сплит. До денес остана неразјаснето кој го испука рафалот кон Македонецот, кој во тоа време бил на должноста стражар во командата на Военопоморската област во хрватскиот приморски град. И зошто бил оставен на фронтална линија, во време кога 30 илјади луѓе протестираат пред командата, а нивниот гнев прераснува во безредие и насилство. Снимките од тој ден го покажуваа почетокот на ужасот на териториите на поранешна Југославија. Сашко Гешовски беше првата жртва на југословенската војна. Истот ден беше ранет и Тони Стојчев од Македонска Каменица, кој се обидувал да му помогне на Гешовски. Истиот ден беше прикажна и снимката како повеќе лица сакаат да го задават војникот Светланчо Наков, од селото Лаки, Виничко, додека стои во транспортерот. Го спасува возачот на транспортерот, исто така Македонец, Славе Јованов од село Василево, Струмичко. Во конфликтите кои започнаа во СФРЈ загинаа четириесетина македонски војници кои се најдоа во редовите на некогашната ЈНА.
Да не беше ужасот на војната, денеска тие ќе беа родители, можеби веќе и млади дедовци на првите внучиња, и ќе ги учеа своите наследници колку е важен мирот, и колку е страшна војната. Не добија таква шанса. А што е со нас, генерацијата на Гешовски, кои на телевизија ги видовме страшните снимки, кои растевме во тие турбулентни времиња, кои до последен миг стрепевме дали повлекувањето на ЈНА од Македонија ќе се одвива на мирен начин, кои поради сето тоа можеби и побрзо созреавме, но и побрзо остаревме?
-прочитајте уште:
Омразата не беше причина за војната во Југославија
Мислам дека не направивме ништо значајно да потсетиме на таа лекција повеќе од еднаш годишно, па дури ни толку, особено ако тој датум го прегази некоја евровизија, нечиј спектакуларен концерт или споените мајски празници. Тоа, секако, не зборува добро за нас. Не е добро на овој ужасен ден повеќе да потсетуваат регионалните, отколку македонските медиуми.
Хрватскиот новинар Борис Дежуловиќ, пред пет години објави книга есеи „Во потрага по загубеното време“, во кои се „собрани“ петнаесетина години како негово лично видување на политичка и емотивната историја на регионот. Тој се осврнува на прашањето кој го уби Гешовски и какво е толкувањето на тој настан во Хрватска.
„Тоа беше пред многу години и во меѓувреме се случи сè и сешто, го заборавивме одамна и малиот Македонец и неговиот расплакан татко пред ТВ-камерите, затоа што историјата слабо ги памети имињата и презимињата на оние што не се толку бесмртни за да можат да ги преживеат револверските истрели и да живеат вечно во нашите срца и во имињата на основните училишта. И уште притоа од другата страна на нишанот на востаничката пушка. Или на револверот (...) А да е ова цивилизирана и културна земја, каква што не е, и каква што, изгледа, никогаш нема да биде, за трагичното загинување на Сашко Гешовски веќе одамна ќе беше снимен филм, кој до крај ќе ги соголеше сите фрустрации и незгодни детали на нашата славна историја (...) И не заради Сашко, затоа што нему тоа веќе ништо нема да му значи, туку заради нас, кои живееме во слобода, заедно со оној до заби голорак херој, кој еден дамнешен мај пукаше во бледото дете одземено од страв“.
Токму така. Заради нас, кои живееме во слобода.