Саркози се повлекува од политиката
21 ноември 2016Никој не очекуваше ваков исход од првата рунда на предизборите во францускиот конзервативен политички табор. Сите истражувања на јавното мислење укажуваа дека од седумте кандидати тројца се фаворити, а двајца ќе влезат во втор круг гласање, но дека од кандидатите со најголеми изгледи - Никола Саркози, Алан Жипе и Франсоа Фијон токму поранешниот претседател ќе испадне од трка, не очекуваше никој. Со месеци наназад анкетите покажуваа трка рамо до рамо на Саркози и Жипе. Од пред неколку недели Франсоа Фијон почна незадржлив подем.
Саркози освои само околу 20 проценти гласови од конзервативците и најави дека се повлекува од политиката. Тој вети дека ќе му даде поддршка на кандидатот кој ќе победи на предизборите во конзервативниот табор.
Во втората рунда сега ќе се борат Фијон и Жипе. По пребројани 90% од гласовите, Фијон на своја сметка има околу 44%, а Жипе 28%. Останатите четворица кандидати освоија по помалку од 10% гласови.
Фијон бара тешки реформи
Во првата изјава Фијон рече дека сака повторно да ја подигне Франција. 62-годишниот Фијон од 2007 до 2012 година беше премиер во времето на Саркози. Тој застапува економско-либерален курс со кој сака да ја направи Франција повторно поконкурентна. Меѓу другото, Фијон се залага за зголемување на возраста за заминување во пензија и кратење на јавните давачки.
Настапот на Жипе е нешто поумерен и насочен кон политчкиот центар, како и кон избирачите од левиот политички спектар кои се разочарани од социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд. 71-годишниот Жипе беше премиер во времето на Жак Ширак, а во моментов е градоначалник на Бордо. Во својата долга политичка кариера беше и министер за одбрана и двапати министер за надворешни работи.
Француската граѓанска десница првпат избира кандидати на отворени предизбори, на кои може да учествуваат сите приврзаници. На претседателските избори што треба да се одржат на 23 април, кандидатот на конзервативците, според сѐ, ќе се трка со шефицата на десноекстремниот Национален фронт, Марин Ле Пен.