1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самоубиствен напад во Пакистан

ЖА/ртре/макфакс13 октомври 2012

Најмалку 15 лица се убиени, а други 25 се ранети во самоубиствен бомбашки напад изведен со автомобил бомба денеска (13.10.2012) на пазар во градот Дара Адам.

https://p.dw.com/p/16PX3
Фотографија: Getty Images

Цел на експлозијата на автомобилот бомба на пазарот Кел Џанан во Дара Адам биле простории на локалниот мировен комитет на антиталибанска милиција. Од силната детонација биле уништени повеќе од 20 објекти и се стравува дека бројот на жртвите може да се зголеми, бидејќи од повредените петмина се во критична состојба. Телата на загинатите и повредените, меѓу кои две се деца, се пренесени во болницата во Дара Адам и во покраинскиот административен центар Пешавар. Министерот за информации на пакистанската покраина Кибер Пактунква, Ифтикар Хусаин потврдил дека цел на нападите биле припадници на антиталибанската полиција, како и дека веднаш почнала операција на трагање по напаѓачите.

Пакистанската армија, која инаку е една од најмоќните и најбројни на светот, започна неколку големи офанзиви против талибанците. Меѓутоа операциите кои се концентрирани против талибанските и бунтовничките упоришта во северозападните паштунски племенски области близу границата со Авганистан, сепак не ги дадоа посакуваните резултати и не успеаја да го скршат отпорот на талибанците. Поради тоа централната влада во Исламабад склучува договор со локалните паштунски племиња кои ја заживуваат вековната традиција на локални милиции и со владина поддршка влегуваат во судири со талибаните кои го нарушуваат нивниот клановски авторитет. Поради тоа припадниците на овие милиции се‘ почесто стануваат цели на нападите на радикалните исламистички бунтовници.