1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само без нервоза!

22 септември 2018

Во последната анкета на телевизијата АРД популистите од АфД за првпат ги престигнаа Социјалдемократите. Демократијата во Германија сега не смее да стане нервозна, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/35Kj5
Deutschland, Hamburg: Symbolbild AFD und der Verfassungsschutz
Фотографија: picture-alliance/M. Scholz

За почеток: десните популисти од Алтернатива за Германија (АфД) не нудат ништо, апсолутно ништо за  решавање на проблемите во земјата. Нивна единствена тема е: бегалците се виновни за сѐ. Тие ништо не преземаат кога на нивните демонстрации се покажува „поздравот на Хитлер“, тие молчат кога се напаѓаат еврејски ресторани. Други теми, како станбената ситуација или социјалните прашања, едноставно не ги интересираат.

АфД на исток пред ЦДУ

Но,во најновата анкета „Дојчландтренд“ на телевизијата АРД, АфД за првпат е пред Социјалдемократската партија (СПД), славната, најстара германска партија. И тоа е само моментална ситуација во развој на состојбата- која сѐ уште не е завршена. Во сојузните покраини во источна Германија АфД во некои анкети веќе е на првото место, пред Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел.

Па сепак: 82 отсто од испитаниците во анкетата на АРД не ја поддржува АфД. Погледот кон другите европски земји покажува дека состојбата во Германија и не е така лоша. Во Италија популистите се на власт. Во Унгарија и во Полска владеат националисти. А во Вашингтон беснее Доналд Трамп.

Сите избирачи на АфД се десни екстремисти?

Значи, 18 насто од избирачите својот глас би го дале за АфД. Партија која е антидемократска, ксенофобична, полна со предрасуди, без трошка емпатија кон малцинствата. Партија кај која под знак прашалник е државниот поредок. Дали овие 18 отсто го делат ова мислење? Веројатно не. Кога во Кемниц, што навистина се случи, илјадници граѓани ќе се приклучат во демонстрацијата на која се велича Адолф Хитлер и се повикува на државен отпор, тогаш тоа само по себе е грозно. Но, тоа е и знак дека луѓето немаат друга можност или место на кое би го „исфрлиле“ својот бес, своите фрустрации. Не станува збор само за азилантите и за проблемите околу соживотот- но и за нив. Станува збор за почит, за чувство оти ги сфаќаат сериозно- додека во сѐ понесигурниот свет растат стравовите.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау, автор на коментарот

Веќе одамна сите партии ги занемарија важните теми: станбената ситуација, социјалната нееднаквост. Во една таква ситуација во која владее латентно незадоволство, секогаш во историјата, без разлика каде, профитирале оние кои ги поедноставуваат работите, оние кои подбуцнуваат. Во повоена Германија, најпрво на запад, тоа беше поинаку. По катарзата поради страотните злосторства на нацистите, поголемиот дел од Германците бараа рамнотежа, воздржаност, помалку поларизирачки дебати. Сега тоа е поинаку. Насекаде се чувствува вознемиреност, на улиците, во градовите.

Разговор, разговор, разговор

Старата, етаблирана политика придонесува на свој начин: јавно се расправа, со месеци, без вистински решенија- околу политиката за азил. И премолчува дека веќе одамна постои консензус во владата околу тоа границите во Европа практично да се затворат. И сите гледаат оти тука станува збор за лични пресметки, на пример меѓу канцеларката и нејзините критичари во сопствените редови,  во прв ред од баварскиот ЦСУ. И ние, медиумите, едвај уште успеваме да ги претставиме мотивите на оној дел од населението кое го избира АфД, но не ги симпатизира десните екстремисти.

Што е потребно сега? Општеството мора повторно да научи да разговара. Сталожените луѓе во сите етаблирани партии, а нив и тоа како ги има, сега мора да им се спротистават на своите галамџии пред микрофоните- и да ја бранат демократијата. А медиумите? Мора да се сетат на едно старо, добро правило: да известуваат. И не смеат да бидат активисти- па дури ни за добра работа.