1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сакаме Солинген да биде град на помирување“

Рита Јегер26 мај 2008

Ќамил Каплан од Лудвигсхафен и Фриц Шрама, градоначалник на Келн, се први носители на наградата „Генш“, која се доделува за ангажман за мирољубив соживот на културите. Името е во чест на мајката на настраданото семејство

https://p.dw.com/p/E6L0
29-ти мај 1993-та, Солинген. Демонстрации пред спалената куќа на семејството ГеншФотографија: AP

В четврток се навршуваат 15 години од најтешкото злосторство во повоена Германија извршено од непријателски мотиви спрема странци. Пет луѓе го загубија животот кога група десно-радикални ја запали куќата на семејството Генш во Солинген. Годинава за прв пат е доделена награда, која го носи името на настраданото турско семејство, на личности кои се ангажираат за мир и помирување на културите, токму како и Мевлуде Генш, мајка на настраданите во пожарот.

Наградата треба денес да даде знак за помирување, вели Јашар Билгин, претседател на Германско-турска здравствена фондација од Гисен, иницијатор за востановување на признанието. „Со години го набљудувавме семејството Генш и видовме дека и покрај тој настан, никогаш не поларизираше, ниту го зема како повод за формирање фронтови меѓу општествените групи - иако и тоа беше можно. Затоа сакавме ова да го ставиме во преден план, оти знаеме дека во Солинген семејството Генш секогаш го поврзуваат со нападот, со насилство. Тоа радо би го промениле. Сакаме Солинген да биде град на помирување“, вели Билгин.


„Време е заеднички да живееме во среќа“


Името на наградата, всушност, е во чест на Мевлуде Генш. Тогаш, по нападот во 1993-та, во градот владееше вонредна состојба: ограбени излози, запалени автомобили... По нападите против странци во Росток, Мелн, Хојерсверда, бесот на младите Турци се излеа во бесмислено насилство. Во таква зовриена атмосфера Мевлуде Генш, и покрај длабоката жал,постојано повикуваше на разум и простување: „Мислам дека на луѓето мора да им се каже, дека нема да се ослободат од нас со тоа што не напаѓаат, спалуваат, ни ги горат куќите. Ние живееме во оваа земја, сакаме да живееме во неа, имаме љубов за неа. И, време е заеднички да живееме во среќа и меѓусебно да си приредуваме среќа“.

Шрама - помирување, а не за поларизирање

За сеќавање на таквото однесување, синоќа за прв пат беше доделена наградата „Генш“. Носители на признанието се Ќамил Каплан, кој во пожарот во Лудвигсхафен во февруари годинава загуби повеќемина членови на семејството, и градоначалникот на Келн Фриц Шрама, чиј син загина во 2001-ва година во сообраќајна несреќа предизвикана од еден турски младинец.

„Кога се случи несреќата во која го загуби синот, и тој беше многу помирлив. Никогаш не рече еден мигрант го предизвика тоа, не се сврте против доселениците.И тој, како и госпоѓа Генш, се обиде да се однесува помирувачки, а не поларизирачки“ - образложи Јашар Билгин, кој ја истакна и интеграционата политика на градоначалникот на Келн.

►◄