1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД притискаат за брзо решение на спорот за името

Александар Чомовски28 октомври 2008

Американскиот заменик државен секретар, Стјуарт Џонс, во Скопје ја повтори поддршката за прием на Македонија во НАТО и преговарачкиот процес околу името. Вашингтон очекува успех на преговорите во ОН.

https://p.dw.com/p/Fiad
Џонс во Скопје ги пренесе пораките од ВашингтонФотографија: DW

Новиот заменик американски државен секретар, Стјуарт Џонс, дводневните разговори во Скопје со македонскиот државно владин врв ги сумираше со внимателна порака. По средбата со премиерот Никола Груевски, на која беше присутен и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, Џонс го пренесе ставот на Вашингтон за целосна поддршка на членството на земјата во НАТО. САД, според него, целосно го поддржуваат и очекуваат успех од процесот за името што се води во ОН.

Министерот за надворешни работи на Македонија, Антонио Милошоски, изјави дека членството во НАТО е прашање кое ги обединува сите граѓани во земјата. Тој констатира дека ставовите на Вашингтон и Скопје за името се совпаѓаат. Македонија, според него, останува посветена на процесот со свои интереси и гледишта, но истовремено со желба за надминување на спорот, кога за тоа ќе се создадат услови.

Преговарачите патуваат во Њујорк

Посетата на Стјуарт Џонс на Скопје и серијата координирани дипломатски притисоци, ги наведе македонските власти да ги испратат во Њујорк, двајцата преговарачи во спорот за името, Никола Димитров и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер. Во текот на денот тие патуваат на средба со медијаторот Метју Нимиц.

Mazedonien Außenminister Antonio Milososki zu Kosovo
Антонио МилошоскиФотографија: AP

Министерот Милошоски, во обид да го објасни ваквиот потег, кој во јавноста создава слика на нагло издејствувана одлука, изрази уверување дека по консултациите на државниот врв преговарачите имаат можност да ја претстават позицијата која оди во линија на македонските национални интереси. Други коментари околу ова прашање Милошоски не сакаше да изнесе пред новинарите.

Двете страни разговарале и за продлабочување на билатерналната соработка. Меѓу другото, биле разгледани детали околу претстојната посета на Груевски на САД, која според Милошоски има пред се` економски карактер.

Да се мисли на идните генерации

За време на престојот на Џонс во Скопје, од Вашингтон пристигна порака и од неговиот колега од Стејт Департментот, Даниел Фрид. На средбата со неколку македонски новинари Фрид нагласил дека никој не може да и` го оспори правото на Македонија да се изјаснува како што сака. Пораката од Фрид е сепак да се одбере патот кон евроатлантските интеграции и да се мисли на иднината на наредните генерации.