САД: Погубна кавга околу носењето заштитна маска
18 јули 2020Во интервју за телевизија Фокс њуз, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е за воведување обврска за носење заштитна маска во национални граници како мерка за спречување на ширење на коронавирусот. Тој смета дека носењето маска треба да е личен избор на секој граѓанин: „Сакам луѓето да имаат извесни слободи", истакна Трамп.
Неговиот став е во директна спротивност со препораката на американскиот главен виролог Антони Фаучи, кој неодамна ги повика водечките политичари од одделни сојузни држави и градови што е можно поефикасно да ги наведат своите граѓани на носење маска. Во САД досега не постои единствена национална линија во поглед на маските, тие се задолжителни во околу половината од сојузните држави.
Повеќе:
Корона-рекорди во САД, Бразил и Индија
Ковид-19: Ситуацијата во САД „навистина не е добра“
Но, имајќи го во предвид драматичниот раст на нови инфекции- два дена по ред е надминат рекордот од преку 70.000 новорегистрирани случаи на Ковид-19 во рок од 24 часа, се зголемува и критиката на сметка на кризниот менаџмент на Трамп. Во вчера објавена анкета по налог на весникот „Вашингтон пост" и ТВ ЕјБиСи, 60% од анкетираните се незадоволни од менаџирањето на кризата со пандемијата на коронавирус од страна на претседателот, само 38% ги одобруваат неговите ставови. На крајот на мај критички кон односот на Трамп во корона-кризата биле 53% од анкетираните, а 46% биле задоволни. Во март 51%, значи половината, го поддржувале начинот на кој Трамп се справува со коронавирусот. Дури 79% од испрашаните одговориле дека би носеле заштитна маска во присуство на други луѓе надвор од својот дом, а само 15 % дека никогаш или ретко би ги покривале носот и устата. Американскиот претседател по правило настапува без маска во јавноста, но при посета на една болница во минатата сабота сепак носеше маска.
Анкетата покажа и дека за 63% од испитаниците е поважно ставањето под контрола на коронавирусот отколку повторно активирање на економијата.
Советничката на Доналд Трамп, Килен Конвеј падот на поддршката за корона-кризниот менаџмент на претседателот го оправдува со тоа што тој веќе не држи корона-брифинзи.