1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Дали руските трупи навистина ќе се повлекуваат?

СН/агенции
30 март 2022

Американскиот Пентагон скептично реагираше на најавата на Русија дека значително ќе ги намали воените дејствија во северна Украина. Киев на мировните преговори во Истанбул, инсистирал на безбедносни гаранции

https://p.dw.com/p/49Csz
Портпаролот на американското министерство за одбрана, Џон Кирби
Портпаролот на американското министерство за одбрана, Џон КирбиФотографија: Andrew Harnik/AP/dpa/picture alliance

Американското министерство за одбрана предупреди дека, иако во последните денови помал број од руските сили се одалечија од Киев, Русија сѐ уште може да изврши брутални напади врз градот.

„Веруваме оти е ова репозиционирање, а не вистинско повлекување, па сите траба да бидеме подготвени на голема офанзива врз други региони во Украина. Тоа не значи дека заканата за Киев е завршена“, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби. „Никој не треба да се залажува со неодамнешното тврдење на Кремљ дека одеднаш само ќе намалат воените напади во околината на Киев,“

Кирби додаде дека бројот на руски сили, кои се одалечуваат од главниот град на Украина, не е ни близу до големината на оние кои ги поставиле околу Киев и оти Русија ги продолжува воздушните напади врз градот.

Тој вели дека руските сили кои се репозиционираат се движат кон север, но оти е прерано да се каже која е нивната конечна цел.

„Оценуваме дека веројатно се работи за ново позиционирање на силите кои ќе се користат на друго место во Украина. Каде точно, не знаеме“, рече Кирби.

Живот под земја во Украина

Сигнали за приближување од Истанбул

По новата рунда мировни преговори со Украина, Русија вети дека значително ќе ги намали своите воени операции во близина на Киев и Чернихив. Заменик министерот за одбрана Александар Фомин по состанокот во Истанбул рече дека неговата влада сака да изгради доверба и да овозможи натамошни преговори. Шефот на руската делегација Владимир Медински ги оцени како конструктивни разговорите кои траеја неколку часа. Русија е подготвена да преземе чекори кон деескалација, но тоа не значи прекин на огнот. Тој рече дека, меѓу другото, Киев сака да преговара за можноста за влез во ЕУ.

Повеќе: Мајка на загинат руски војник: „Тоа е крвопролевање“

По состанокот, украинската влада ја потврди својата начелна волја да склучи договор за неутрален, неврзан и ненуклеарен статус на неговата земја. За возврат, сепак, потребни се цврсти гаранции од западните држави за безбедноста на Украина, ако е можно по примерот на НАТО. Киев како неприфатливо го отфрли отстапување на украински територии на Русија.. Руското Министерство за одбрана пред неколку дена објави дека сега се концентрира на целосно освојување на Донбас во источна Украина, каде борби се водат од 2014 година.

Киев: Потребна е безбедносна гаранција од западните држави

Членот на украинската делегација Дејвид Арахамија рече дека посакуваните безбедносни гаранции треба да доаѓаат од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, како што се САД, Франција, ОК, Кина или Русија. Ова може да ги вклучи и Турција, Германија, Канада, Италија, Полска, Израел и други земји. Тие треба да бидат формулирани слично како членот пет од договорот за НАТО. Според него, членките на Алијансата се обврзани да пружат воена помош во случај на напад врз еден од партнерите.