САД му изразија сочувство на Пакистан
27 ноември 2011Двајцата министри на своите ресорни колеги во Пакистан им ветија целосна поддршка за итна истрага на инцидентот од страна на НАТО. По смртта на најмалку 24 војници во нападот на хеликоптер на НАТО, пакистанската влада упати остра критика, говорејќи притоа за груба повреда на суверенитетот на земјата. Властите во Исламабад уште порачаа дека ќе ја преразгледаат целокупната соработка со САД и со НАТО и привремено ги блокираа главните сообраќајници за снабдување на силите на Алијансата стационирани во Авганистан.
САД имаат 15 денови да ја испразнат базата Шамзи
Како резултат на таа мерка, околу 300 камиони за НАТО се на граничните премини. Возачите стравуваат дека може да бидат цел на напади на пакистански талибанци. На еден од премините, Торхам лани талибанци уништија 150 каммиони со доставки за НАТО во Авганистан
САД беа повикани во рок од 15 денови да ја напуштат нивната воздухопловна база во местото Шамзи во провинцијата Балучистан на југозапад во Пакистан. Од таму полетуваат американските беспилотни летала на нивните спорни напади врз талибанските позиции. Командантот на американските и на силите на Алијансата во Авганистан, генералот Џон Ален, вети детална истрага за инцидентот.
Тој се случил вчера (26.11.2011) во два часот наутро по локално време кога хеликоптер на НАТО испукал проектили врз пакистански воен контролен пункт во племенскиот регион Мохманд. Познато е дека во оваа област пакистанската армија води борба со талибанците и борците на Ал Каеда, кои продираат во Авганистан и извршуваат напади врз меѓународните сили, предводени од НАТО.
Автор:СН/ЖА/дпа/афп/мф
Редактор: Жана Ацеска