САД: Милионер на чело на ФЕД
3 ноември 2017Уште во процесот на избирање наследник на Џенет Јелен (Нов шеф на ФЕД е...“) во кладилниците Џером Пауел важеше за убедлив фаворит. Конечната одлука на Доналд Трамп дека Пауел ќе биде на челната позиција на Американската централна банка, која мора формално да ја потврди и Сенатот, го смири истовремено и светот на парите. Зашто, Пауел во постапките на гласање никогаш не гласал против волјата на мнозинството. Дотолку повеќе се смета дека политиката на ФЕД и натаму ќе остане иста како и во времето на Јелен, но без на нејзино чело да остане демократката, именувана од Обама. Тоа ќе беше тешко возможно во случај на челната позиција во ФЕД да стигнеше истакнатиот професор по економија Џон Тејлор, кој сигурно имаше свои идеи- без оглед дали тоа би му се допаѓало на Трамп или не.
Џером „Џеј“ Пауел не е ист со останатите во ФЕД. 64-годишникот прилично доцна влетал во светот каде се носат одлуки за парите, освен тоа, сите негови претходници студирале економија, а Пауел е правник. Со исклучок на краткиот „излет“ во американското Министерство за финансии во времето на претседателот Буш сениор, целиот живот го поминал занимавајќи се со пари и имот.
Пауел е богат
Пауел стекнал богатство како партнер во Карлсли Груп, една од оние финансиски куќи кои се занимаваат со управување на имот, а за кои всушност малку се знае, без оглед што управува со имот во вредност од преку 175 милијарди долари. И покрај тоа што таму бил партнер, подоцна отвора и своја сопствена инвестициска куќа, а работел и во вашингтонскиот институт „Bipartisan Policy Center". Последното му било потребно само заради престиж и како прилика за учество во важни размислувања околу идните збиднувања: платата му била еден долар - годишно.
Уште како гувернер на американскиот ФЕД, Пауел мора, барем во груби црти, да ја објави висината на својот имот. Годинава тој навел дека тоа е „некаде помеѓу“ 20 и 55 милиони долари, па весникот „Вашингтон пост“ го прогласи за најбогат шеф на ФЕД по Маринер Еклес (од времето на претседателот Рузвелт, до 1948. година). Но, големото богатство се чини дека е единствената сличност на Пауел со решителниот и агилен Еклес, сопственик на цел синџир банки, кој станал милионер уште на 22 годишна возраст и за време на Рузвелт активно учествувал во државните инвестиции според советите на британскиот економист Кејнс.
Џером Пауел е „всушност мудра утка“, како што го нарече бившиот шеф на филијалата на ФЕД во Далас, Ричард Фишер, кој размислува долгорочно и бара компромиси. И претходникот на Џенет Јелен, Бен Бернанке, го нарече личност која „радо ќе се согласи на слога“ во одлучувањето, па така не е забележано некогаш да гласал против одлуките на Џенет Јелен. Тој гласал и за спуштање на каматната стапка на 0 проценти, токму како и за сегашното подигање на 1, односно на 1,25 проценти.
Овој вид промисленост во поглед на парите го наведе Барак Обама да го именува во Советот на гувернери на ФЕД, иако Пауел е републиканец. Не може да се каже дека претседател никогаш не именувал гувернер настрана од партиски клуч, но тоа е исклучително ретко, последно такво именување пред Пауел било пред 20 години.
Каква е важноста на шефот на ФЕД?
Од другастрана, тешко можеше да се очекува дека Трамп е во состојба да ја задржи демократката Џенет Јелен на чело на ФЕД, и покрај тоа што би немал забелешки на нејзината монетарна политика. Треба да се каже дека таа останува во Советот на ФЕД, мандатот на гувернерите таму трае 14 години, претседателот не може да ги отпушти од функцијата без сериозно кршење на законот. Претседателскиот мандат на Јелен во ФЕД истекува на 3. февруари следната година, но членството дури во 2024. година. Но, во самиот Совет на гувернери многу нешта можат да се случат за време на Трамп, зашто цела низа места, меѓу другото и потпретседателското, не се пополнети.
На Американците им е исклучително важна функцијата шеф на ФЕД, зашто Американската централна банка првенствено мора да води сметка за економскиот раст, додека стабилноста на валутата доаѓа на второ место, за разлика на пример од Европската централна банка и многу други во светот.
Но, функцијата не е важна само во САД: треба да се има во превид дека доларот сеуште е најважна глобална валута. Монетарната политика и курсот на доларот се решавачки за цената не само на нафтата, туку практично на сите суровини, повисокиот курс на доларот непосредно влијае и на многу земји кои мораат да отплатуваат долгови. Без оглед што долговите обично се изразени преку „кошница“ валути, во државните долгови кај комерцијалните кредитори тоа не мора да е така. Така испаѓа посебно земјите од Јужна Америка да се непосредно зависни од постапките на Пауел.