1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД сакаат да ја завршат воената мисија во Ирак

Сузане Ајкенфондер
27 јули 2021

Американскиот претседател Џо Бајден сака да отвори нова страница во односите со Ирак. САД се со намера да се фокусираат сосема на обука и советување на ирачките безбедносни сили.

https://p.dw.com/p/3y7V1
USA Präsident Biden trifft sich mit dem irakischen Premierminister im Oval Office
Американскиот претседател Бајден и ирачкиот премиер Ал Кадеми во Белата куќаФотографија: Iraqi Prime Ministry Press Office/AA/picture alliance

Американскиот претседател Џо Бајден најави официјално завршување на американскиот воен ангажман во Ирак и тоа до крајот на оваа година. По приемот на ирачкиот премиер Мустафа ал-Кадеми во Белата Куќа, Бајден рече: „Нашата соработка против тероризмот ќе продолжи и во оваа нова фаза.“ Според американскиот претседател, САД и натаму ќе му даваат поддршка на Багдад во борбата против џихадистичката милиција „Исламска држава“. Бајден не наведе точна бројка за идниот број на американски војници во Ирак. Во моментов во таа земја има уште 2500 припадници на американската армија.

Повеќе:

Зошто е Ирак толку важен за Американците

САД: Повлекувањето од Авганистан и Ирак е неодговорен потег

Од минатата година, американскиот ангажман во прва линија се состои во обука и советување на ирачките безбедносни сили. Во мандатот на Доналд Трамп од Ирак се повлече голем дел од американските трупи. Затоа, експертите не сметаат со некакви длабоки практични промени.

Irak Ausbildung Soldaten durch US Militär
Американскиот ангажман во прва линија се состои во обука и советување на ирачките безбедносни сили (фото: обука на ирачки војници од страна на американски инструктори во Киркук, северно од Багдад)Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Al-A'nei

САД во Ирак предводат меѓународна коалиција која во регионот се бори против „Исламска држава“. Ангажманот на американските војници во земјата е спорен. Пред сѐ ирачките партии и милиции кои имаат блиски врски со Иран бараат итно повлекување на американската војска. На три месеци пред планираните парламентарни избори, премиерот Ал-Кадеми е под притисок, пред сѐ од страна на проиранските милиции, чие влијание во земјата се зголемува. Од почетокот на годината проиранските милиции извршија над 50 ракетни и напади со дронови врз американските бази во Ирак. Освен тоа, има и натаму активни ќелии на „Исламска држава“.

Ал-Кадеми во Белата куќа рече дека „Америка му помага на Ирак“ и дека односите на двете земји денес се „посилни од кога било досега“. Тој укажа на „партнерството во сферата на економијата, здравството, образованието и културата“.

USA I Joe Biden und Mustafa al-Kadhimi
Ал-Кадеми по средбата со Бајден изјави дека Америка му помага на ИракФотографија: Susan Walsh/AP/picture alliance

Бајден вети американска помош и за зајакнување на енергетската мрежа и снабдување во Ирак, како и во борбата против климатските промени и пандемијата на коронавирусот.