1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ги бомбардираат џихадистите од ИД во Сирија

Јенс Јенсен/ Жана Ацеска23 септември 2014

Најавени напади: САД водат борба против терористите од Исламска држава и на територија на Сирија, заеднички со арапските сојузници. Од граѓанската војна разнишаната земја е поставена пред нов предизвик.

https://p.dw.com/p/1DHGZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

САД ги реализираа своите закани и ноќеска започнаа со напади против терористичките милиции од Исламска држава во Сирија. Американската војска и партнерските земји ги бомбардираа позициите на екстремитите, соопшти портпаролот на Пентагон, Џон Кирби. Наредбата ја дал американскиот претседател Барак Обама како врховен командант на армијата.

Според информациите на весникот “Вашингтон пост“, како сојузнички арапски земји во акцијата учествуваат Саудиска Арабија, Јордан, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.Тие се рамноправни учесници, цитира весникот неименуван висок армиски претставник. Според СиЕнЕн, во нападите ќе учествува и заливскиот емират Катар. На акцијата претходеше овбид на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери да ги придобие државите од арапскиот простор на страната на САД за напад против Исламска држава.

Сирија е информирана

Сириската влада, како што потврди самата, била информирана пред почетокот на американските бомбардирања од страна на Вашингтон. САД претходно разговараа со сирискиот амбасадор во ОН, соопшти министерството за надворешни работи во Дамаск.

„Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски владини извори, известува дека нападите се концентрирани на позициите на ИД во северната сириска провинција Рака, каде радикално-сунитските екстремисти имаат едно од своите упоришта. Жителите на истоимениот град преку Твитер сведочат за силни експлозии и постојани надлетувања на воени авиони. Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон ги потврди овие наводи. При воздушните напади, се твдри, биле убиени или ранети бројни борци на ИД.

Борбени авиони и беспилотни летала

Висок по ранг претставник на армијата соопштил дека нападот врз џихадистите во Сирија започнал со гранатирање од море, продолжил со борбени авиони, а според „Њујорк тајмс“, биле користени и борбени беспилотни летала од типот „Репер“ и „Предатор“. Американското министерство за одбрана не наведе број на извршените напади.

Обама пред две недели во говор до нацијата ја соопшти својата одлука, на почетокот на август започнатите воздушни напади против исламистите во Ирак, да ги прошири и на територијата на Сирија. Во Ирак Американците досега извршија близу 200 воздушни напади.

Крвава граѓанска војна

За разлика од Ирак, каде САД се надеваат на политичка поддршка за својата воена офанзива од новата ирачка влада, соседната Сирија се наоѓа над три години во крвава граѓанска војна. Додека американската војска сега врши обука на „умерените“ бунтовници и ги снабдува со оружје, Обама исклучи соработка со сирискиот претседател Башар ал-Асад.

САД, паралелно со мисијата на обучување на бунтовниците, се надеваат се‘ повеќе да ги потиснат екстремистите. Проценките на ЦИА се дека ИД брои до 31.000 борци.Аналитичарите од Вашингтон се убедени во долготрајна анти џихадистичка борба на САД. Дури и самиот Обама им навести на Американците долготраен ангажман на мисијата, но истовремено се‘уште исклучува испраќање вооружени американски копнени трупи.