Руското хиперсонично оружје: Што може „Кинжал"?
21 март 2022По што се разликуваат ракетите „Кинжал”?
Според руски извори, околу осум метри долгите ракети летаат екстремно брзо и екстремно високо, но притоа може лесно да се маневрираат. Целта ја уништуваат со конвенционална експлозивна направа тешка до 480 килограми или пак со нуклеарна глава.
Колку тежат ракетите „Кинжал”?
Москва тврди дека „Кинжал” (во превод бодеж) достигнуваат десеткратен мах или десет пати побрзо од брзината на звукот, односно 12 350 километри на час. На Запад се сомневаат во ваквите податоци. Во документ на НАТО од ноември 2020 се вели дека означувањето на „Кинжал” како хиперсонична ракета може да доведува во заблуда бидејќи постои можност да не лета побрзо од мах 5.
„Томахавк” на пример лета со брзина од околу 900 километри на час.
Како се испушта ракетата?
„Кинжал” ја испукуваат воени авиони од типот Миг-31 на голема висина. Дури кога доволно ќе се оддалечи од авионот се вклучува погонот на ракетата и ја носи до висина од 20 километри, а потоа до целта. При старт од Миг-31 според руски информации ракетата има дострел од 2.000 километри.
Какви мети треба да уништува „Кинжал”?
Според проценките на тајните служби од Западот „Кинжал” е развиена пред сѐ за уништување на критична воена инфраструктура во Европа, односно за аеродроми или позиции на американската антиракетна одбрана. Можна мета се и носачи на авиони.
Од кога постои „Кинжал”?
Претседателот Владимир Путин во март 2018 јавно ги претстави ракетите „Кинжал” како дел од повеќе нови супер оружја. Кратко потоа беше објавено дека успешно биле тестирани. Според Путин тие се „недопирливи” за западната антиракетна одбрана.
Како Западот гледа на новото оружје?
На нив се гледа со голема загриженост, пред сѐ затоа што создаваат стратешка несигурност. Дали конвенционална ракета доаѓа кон мене толку брзо или тоа е нуклеарен напад?
„Хиперсонични проектили со новата комбинација на брзина и маневрирање, можат да ги пробијат сите сегашни системи за антиракетна одбрана и радикално да го намалат времето за реакција на нападнатите страни“, пишува во еден извештај на Минхенската безбедносна конференција од 2019 година.
Развиваат ли и други земји вакви хиперсонични ракети?
Да, особено САД и Кина. НАТО, во документ од 2020 година исто така наведува вакви истражувања во Британија, Франција, Германија, Австралија и Индија. Дел се однесуваат на одбраната од такви проектили.
Дали „Кинжал“ значително ќе го промени текот на војната во Украина?
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во неделата изјави за Си-Би-Ес оти не смета дека употребата на „Кинжал“ е одлучувачка пресвртница за текот на војната. Рускиот претседател посега кон такво оружје бидејќи се обидува да ја врати динамиката во напредувањето на неговите војници во Украина.
Сличен став имаат и во кругови на НАТО во Брисел. Во основа, руската авијација е очигледно супериорна во однос на украинската и без „Кинжал“. Сепак, употребата на проектилот се смета за уште еден загрижувачки показател дека Русија е решена да ги искористи сите средства што ѝ се на располагање за да ја принуди Украина да се предаде.