Руски шпиони уловени во САД
29 јуни 2010Последниот случај го потсети американскиот печат на една завера од времето на студената војна. Во 1957 година советскиот агент Рудолф Абел беше уапсен во Њујорк. Под превезот на уметнички работник, тој во САД успеа да изгради огромна мрежа на агенти, меѓу кои имаше и соработници на строго доверливиот проект „Менхетен“, за изработка на атомска бомба.
Студената војна одамна заврши, но во неделата ФБИ повторно имаше полни раце работа. Десет мажи и жени се уапсени во државите Њујорк, Њу Џерси, Масачусетс и Вирџинија. Токму во последната се стационирани главните седишта на американската тајна служба ЦИА, како и на голем број фирми за вооружување.
Екстремно прикриена мисија
Што или кого поточно шпионирале осомничените агенти засега останува непознато. Единственото што американското министерство за правда го соопшти е дека дел од уапсените престојуваат во САД уште од деведесеттите години и биле задолжени за проширување на мрежата тајни агенти и собирање информации. Мисијата била „на долгорочна основа и екстремно прикриена“. Осуммина од агентите живееле заедно како парови и работеле во руската амбасада во Вашингтон и во воените мисии - омилена пракса уште од времето на студената војна. И останатите двајца уапсени „исто така биле дел од руската шпионска програма во САД“, се вели во судските документи, без поконкретно објаснување.
Дали уапсените се Американци или Руси? Еван Перез од „Вол стрит џурнал“ смета: „Некои од нив се испратени од Русија. Имаат фалсификувани лични податоци, некои се претставуваат како родени во Канада или Пенсилванија. Една жена се претставува дека работела за шпанскиот весник ’Ел диаро’ во Њујорк и навистина доаѓа до Перу. Меѓутоа, од она што засега се знае, повеќето се Руси.“
Ало, Москва
Според судските документи, не може да се процени колку била успешна нивната шпионажа. Меѓутоа јасно е дека работеле со нов безжичен систем за комуникација, кој им овозможувал да контактираат преку сопствените лаптоп компјутери, но имале и разработена техника на шифрирање на податоците, како што објаснува Еван Перез: „Користеле метод, преку кој податоците се сокриваат во слики. На пример, во една дигитална фотографија можат да се сокријат некакви информации, кои другата страна може да ги дешифрира со посебен софтвер. Меѓутоа, користеле и кратки радио-бранови за пренесување на податоците до Москва, но и за меѓусебна комуникација.“
Американската влада покрена обвинение против осомничените агенти. За шпионирање по налог на странска држава во САД се предвидува затворска казна од пет години, за перење на пари дури дваесет години. Во моментов не е интересно само она што се случува, туку и моментот кога тоа се случува. Само пред неколку дена американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега, Дмитри Медведев, при средбата во Белата куќа оставија хармоничен впечаток.
Автор: Силке Хаселман / Трајче Тосев
Редактор: Александра Трајковска