Русија ја демонстрираше воената сила
9 мај 2018Во говорот на воената парада во Москва по повод Денот на победата над нацистичка Германија, рускиот претседател Владимир Путин го истакна големиот удел на Советскиот Сојуз во уништувањето на фашизмот. „Тогаш на сите земји, на сите народи им стана јасно дека решавачка улога за исходот на Втората светска војна првенствено имаше Советскиот Сојуз“, изјави Путин пред околу 13.000 руски војници на Црвениот плоштад во Москва. На парадата присуствуваше државниот врв на Русија, ветерани и голем број на граѓани, а меѓу почесните гости беа претседателот на Србија Александар Вучиќ и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
73 години по војната, рече тој, некои сили се обидуваат да ги фалсификуваат руските херојски дела, „но, ние тоа никогаш нема да го дозволиме.“
Путин истакна дека до денес на светот му се закануваат опасности поради агресивниот национализам, слободата е кревка, но „Русија е подготвена за дијалог во сите прашања поврзани со глобалната безбедност“, рече рускиот претседател.
На воената парада беа презентирани повеќе видови оружја, од кои поновите се тестирани во војната во Сирија, како што изјави рускиот министер за одбрана. За првпат на парадата беа прикажани и дронови, роботи-деминери, користени во воените операции во сириските градови Палмира и Алепо, како и суперсонични авиони МиГ-31.