1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Руската Дума со мерки против странските новинари

Миодраг Шориќ
16 ноември 2017

Новиот закон ги таргетира странските медиуми во Русија. Во иднина тие би можеле да бидат оквалификувани како "странски агенти". На порталите им се заканува да бидат блокирани.

https://p.dw.com/p/2njWp
Russland Hauptstadt Moskau Manege-Platz
Фотографија: DW/M. Mohseni

Во вестите на државната телевизија која е под влијание на властите одлуката на пратениците беше најавена со следните зборови: „Ретко кога парламентот бил толку едногласен како сега." Се мисли на новиот Закон за медиуми кој беше едногласно изгласан во Долниот дом. Сите присутни 409 пратеници гласаа „за" - со ниту еден глас против. Законот стапува на сила кога и Горниот дом (Сенатот) и претседателот Владимир Путин дадат своја согласност.

Законот се однесува на „странски медиуми" кои целосно или делумно „се финансирани од странство". Тие би можеле да бидат оквалификувани како „странски агенти". Медиумите кои би биле засегнати, би биле задолжени да ги обелоденат начините на финансирање, како и на медиумските производи да стават назнака дека потекнуваат од „странски агенти". Регистрацијата како „странски агент" ја прави руското Министерство за правда.

Заострување на второто читање

На второто читање на предлог-Законот одредбите беа заострени. Па така веб страната на еден медиум може да биде блокирана, ако руската влада ја оцени за „непожелна". Во новиот Закон за медиуми не се споменува ниту една телевизија, ниту едно радио или веб страница експлицитно. Секој поединечен случај подлежи на проверка од Министерството за правда. Сосем нејасно е што че се случи ако медиум и покрај барањето одбие да биде регистриран како „странски агент". Нејасно е и кои критериуми ги поставуваат Русите за да го оквалификуваат медиумот како таков. Очигледно ваквата нејаснотија е посакувана.

Symbolbild Internationale Medien Mikrofone
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nemenov

Заменикот претседател на Думата и член на партијата на Путин, Андреј Исајев, тврди дека Законот „немало да ја ограничи слободата на медиумите во Русија". Тој рече и дека руските медиуми кои делумно се финансирани од странство не биле погодени од Законот. Портпаролот на претседателот, Димитри Песков, по гласањето изјави дека Законот бил директен одговор на рестрикциите кои им биле наметнати на руските медиуми, особено на „Russia Today" и „Спутник". "Секој напад на руски медиуми во странство ќе добие одговор", рече тој.

Реакции на американските рестрикции

Горниот дом, Советот на федерацијата, ќе заседава на 22 ноември за Законот. Сенаторот Андреј Климов на руската телевизија изјави дека Законот не се однесува на Дојче Веле, ниту е против германската влада, Франција или други земји. Повеќе се работело за одговор на непријателска и противзаконско мерка против руските медиуми (во САД). Во таа смисла морало и руското законодавство да биде адекватно. „Никој не сака да почне војна со цел свет и со сите медиуми", вели сенаторот.

Законот на Думата е последица на влошените релации меѓу САД и Русија. Вашингтон ѝ префрла на Москва дека влијаела на претседателските избори во 2016-та, меѓу другото и со помош на државниот медиум РТ. По барање на американските власти на 13.ноември се регистрирал според Foreign Agents Registration Act како „странски агент". Кремљ ова го толкува како напад врз руските медиуми и интереси. Путин уште пред неколку дена најави противмерки.

Новите руски мерки против меѓународни медиуми се потпираат на закон кој Думата во 2012-та го донесе. Според него невладини организации финансирани од странство мора да се регистрираат како претставници на странски претставништва. Тогаш Кремљ реагираше на демонстрации против Владимир Путин. Владата им префрлаше на невладините организации дека стојат зад тогашните протести, што било измислица. Во меѓувреме 11 НВО во Русија се оквалификувани како „непожелни". Некои ја напуштија Русија. Но, ниту една од нивните страници не е блокирана.

Russland Duma Debatte zu ausländischen Medien
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Prokofyev

Германската влада реагираше со „загриженост" и „непријатност" на новиот закон. Владиниот портпарол Зајберт изјави дека „на еклатантен начин е контра обврските што ги има преземено и Русија како членка на Европскиот совет. Затоа е целосно неприфатливо германски и европски медиуми како последица на американско-руски контроверзи да подлежат на ограничувања."

Закани против странски медиуми

Неколку часа по седницата на Думата заменикот-претседател Пјотр Толстој им се закануваше на странските медиуми. За ДВ рече: „Ако тие (странските медиуми, заб.на ред.) не подлегнат на искушението да шират работи за нашата земја кои не се засновани на факти, туку се измислици, како што се случуваше во последно време, тогаш нема да бидат ускратени правата на ниту еден медиум." Ако руски медиуми во странство се ограничувани, тогаш Русија мора соодветно да одговори.

Истата песна ја тера и Андреј Исајев, заменик претседател на фракцијата на „Обединета Русија". Изминатите денови тој изјави дека новиот закон би можел да го засегне и германскиот медиум. Во разговор за ДВ Исајев рече: „Дојче Веле го споменав само како пример за странски медиум. Германија до сега ги нема ограничено правата на РТ. Се надевам дека нема да мора да преземаме мерки за да го регистрираме како странски агент". Се надевал дека „нема да има конфликт меѓу нашите држави."