Русија им одговори на Американците
1 февруари 2022Американската влада доби писмен одговор од Русија во врска со предлозите за деескалација на конфликтот околу Украина. Американското Министерство за надворешни работи потврди дека одговорот од Москва е пристигнат. За содржината засега се молчи. „Би било непродуктивно да се преговара јавно, па на Русија ќе ѝ препуштиме да одлучи дали сака да се дискутира за нејзиниот одговор“, изјави портпарол на министерството.
Американската влада минатата недела ѝ даде на Русија одговори по писмен пат во врска со загриженоста на Москва за безбедноста во Европа. Владата во Вашингтон, според министерот за надворешни работи Ентони Блинкен, во тие одговори отфрлила да се откаже од ветување дека ќе биде ставен крај на проширувањето на НАТО. Самиот документ не беше објавен. Во него, меѓутоа, како што се тврди, има и „позитивни работи“ со кои треба да се продолжи. За кризата денеска телефонски треба да разговараат министрите за надворешни работи на двете земји, Сергеј Лавров и Ентони Блинкен.
Пентагон: И натаму се распоредуваат руски трупи
Американската влада тврди дека Русија и натаму ги засилува своите трупи на границата со Украина. „Во текот на викендот во Белорусија и на границата со Украина се распоредени нови руски копнени трупи“, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби. Освен тоа, забележлива е и зголемена активност на морнарицата во Средоземјето и Атлантикот. Според Кирби, не се работи за ништо „непријателско“. „Но, имаат повеќе бродови, вежбаат на море, очигледно ги зголемуваат способностите на море во случај да им бидат потребни“, рече тој. Во однос на најавата на американскиот претседател Бајден за распоредување американски трупи во источноевропските НАТО-држави, Кирби коментирташе: „Опција која што ни стои на располагање е ангажман на американски борбени сили кои веќе се наоѓаат во Европа. Не мора да се носат трупи од САД или други места.“
Во Европа, регуларно, има десетици илјади американски војници, меѓу нив и 35.000 во Германија. По наредба на Бајден, во САД се ставени во состојба на зголемена готовност 8500 војници, кои би можеле да бидат брзо распоредени во случај на потреба. Кирби вели дека станува збор за дополнителни трупи, но не даде информации за тоа кога, каде и колку од американските војници би биле распоредени. Тој нагласи дека нема да бидат испратени американски војници во Украина.
- повеќе на темата: Русија и Украина: Хроника на една необјавена војна
Да се напушти Белорусија
Со оглед на зголемените тензии, Министерството за надворешни работи им наложи на семејствата на американските функционери да ја напуштат Белорусија. Американската влада во своите препораки за патување предупредува од „невообичаено и загрижувачко руско воено вооружување долж белоруската граница со Украина“. Ситуацијата, како што се вели, е непредвидлива и има зголемени тензии.
Претходно, американската влада го намали бројот на свои вработени во амбасадата во Киев. Од семејствата на дипломатите беше побарано да ја напуштат Украина.