1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија и Иран украле податоци на гласачите во САД

ЖА /ДВ
22 октомври 2020

Според американските тајни служби, владите во Техеран и Москва се мешаат во претседателски избори во САД: украдени се податоци на гласачи, во оптек се лажни информации. Иран се обидел преку видео да шири забуни.

https://p.dw.com/p/3kH4s
USA Präsidentschaftswahlen | Ohio
Фотографија: Ty Wright/Getty Images

Иран и Русија, според сознанијата на американските тајни служби, успеале да украдат податоци на гласачи пред претседателските избори во САД, со намера да испраќаат фалсификувани информации. Целта на вмешувањето е „предизvикување забуни, сеење хаос и поткопување на довербата во американската демократија", изјави координаторот на работата на тајните служби на САД, Џон Ретклиф во Вашингтон.

Истовремено, тој упати уверување до Американците дека интегритетот на изборите на 3 ноември не е загрозен. „Бидете убедени, вашите гласови се сигурни. Нема да толерираме никакво мешање од странство во нашите избори или било какви криминални активности."

Според Ретклиф, од Иран се веќе испратени фалсификувани меилови заради заплашување на американските гласачи, поттикнување општествени немири и наштетување на претседателот Доналд Трамп. Станува збор очигледно за неодамна објавените заканувачки пораки испратени од име на „Гордите момци" („Proud Boys"). Десноекстремната група негира испраќање вакви електронски пораки.

Сознанијата на американското министерство за национална заштита се дека пораките им се испратени претежно на граѓани на сојузните држави Алјаска, Аризона, Флорида и Пенсилванија, кои се регистрирани како гласачи на Демократската партија.

„Ги имаме сите твои податоци, ти си моментно регистриран како Демократ, нам тоа ни е познато зашто имаме пристап до вкупната изборна инфраструктура. На денот на изборите ќе гласаш за Трамп или тешко тебе," се вели во електронската пошта која ја добил еден избирач.

Повеќе:

ФБИ: „Русија се меша во изборите во САД“

САД: Закана од масивно странско мешање во претседателските избори

САД: Русија замешала прсти во претседателските избори

Огромна руска пропаганда во американските избори

Иран проширил и видео чија цел е да ги наведе луѓето да испраќаат лажни гласачки писма, истакнува Ретклиф. Трамп во текот на изминатите месеци континуирано изнесуваше тврдење за подложноста на гласањето по пошта на измами, иако експертите постојано му противречеа.

Поради пандемијата на коронавирус, на овие избори се очекува рекордно гласање по пошта.

Информации за тајни странски вмешувања во годинашните претседателски избори во САД се појавија во повеќе наврати и во претходните месеци.

За време на претседателските избори во 2016 година Русија, како што тврдат американските тајни служби, извршила масивни интервенции во корист на Трамп, а на штета на неговата ривалка Хилари Клинтон. На помалку од две недели до изборите оваа година, Трамп во анкетите на јавното мислење значително заостанува зад својот демократски предизвикувач Џо Бајден.