Роналдо повторно најдобар во светот
24 октомври 2017Кристијано Роналдо е прогласен за најдобар фудбалер во светот во изборот на Светската фудбалска асоцијација. ФИФА и магазинот Франс Фудбал оваа награда до 2016 година ја доделуваа заедно под името „Ballon d'Or“, меѓутоа во минатата година дојде до прекинување на соработката и ФИФА оваа награда сега ја доделува под името „The Best“.
За најдобар фудбалер на светот е прогласен Роналдо, кој оваа награда ја освои и минатата сезона. Роналдо покрај наградата „The Best“ има и 4 Златни топки, додека Меси има 5 Златни топки, а на првата „The Best“ награда ќе мора да причека барем до наредната година.
Осум играчи од минатата сезона се наоѓаат меѓу најдобрите 11 и оваа сезона, единствено Џанлуиџи Буфон, Леонардо Бонучи и Нејмар ги заменија Мануел Нојер, Жерар Пике и Луис Суарез.
Првата награда на вчерашната свечена церемонија во Лондон ја доби Оливие Жиру, чијшто „шкорпион“ е прогласен за најдобар гол во минатата сезона. За најдобар тренер е прогласен Зинадин Зидан, кој втора година едно по друго со Реал Мадрид, предводен токму од Роналдо ја освои Лигата на шампионите, а ги придодаде и титулите во шпанската Ла Лига и европскиот Суперкуп. Наградата за најдобар голман ја доби Џанлуиџи Буфон. Тој со Јувентус го освои италијанското првенство и купот, додека во Лигата на прваци во финалето екипата од Торино беше поразени од Реал Мадрид.
Навивачите за најдобра навивачка група ги избраа симпатизерите на Селтик.
За надобра фудбалерка на светот во изминатата сезона е прогласена Холанѓанката Лике Мартенс, која со репрезентацијата годинава ја освои титулата европски шампион. Најдобар тренер во женската конкуренција за 2017 година е токму селекторката на шампионскиот холандски национален тим Сарина Вигман. Наградата за фер-плеј ја доби Френсис Коне, кој во февруари годинава, му го спаси животот на фудбалерот на Бохемианс, Мартин Берковиц.
Во најдобриот тим на светот се: Џанлуиџи Буфон (Јувентус) - Дани Алвес (ПСЖ), Леонардо Бонучи (Јувентус / Милан), Серџо Рамос, Марчело (Реал Мадрид) - Лука Модриќ, Тони Крос (Реал Мадрид), Андрес Ињеста (Барселона) - Нејмар (Барселона / ПСЖ), Лионел Меси (Барселона), Кристијано Роналдо (Реал Мадрид).