1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ромите од Гетинген велат дека се неправедно стигматизирани

БГ
8 јуни 2020

Ромите обвинети за масовно ширење на коронавирусот во градот Гетинген тврдат дека се неправедно обвинети, затоа што заразата ја пренесувало лице од Африка. Организации за човекови права обвинуваат за стигматизација.

https://p.dw.com/p/3dRRv
Deutschland Coronavirus - Göttingen
Комплексот згради Идуна центар во ГетингенФотографија: picture-alliance/dpa/S. Pförtner

Во последните две недели во Гетинген најмалку 120 луѓе се заразија со коронавирусот, меѓу нив и 39 деца на училишна возраст. Градот мораше повторно да воведе  драстични мерки- затворени беа 13 училишта и градинки, речиси 100 деца и адолесценти се во карантин, а во подземната гаража на зградата која се нарекува Идуна центар, и која се смета за жариште на заразата, започнаа масовни тестирања.
Весникот Тагесшпигел ги пренесува наводите на кризниот штаб во градот дека „многумина се заразиле во блокот Идуна центар за време на приватните прослави на рамазанскиот Бајрам. Од градската управа соопштија дека повеќето учесници биле со потекло од поранешна Југославија, односно Косово. Многу семејства се уште чекаат на дозвола за престој во Германија и нивното останување во земјата не е сигурно“.
Но „Ромите се бунат против таквите наводи и тврдат дека немало никаква приватна бајрамска прослава. Тоа во петокот на Фејсбук го напиша еден маж од ромските семејства кој не сакаше да го открие своето име. Единствено се собраа повеќе луѓе во блиската џамија на прослава која ја дозволи градот и таму се почитувале сите правила за држење дистанца и заштитна опрема. Нулта пациентот не доаѓа од нашето семејство, туку од семејство од друга националност кое живее во Идуна центарот и затоа вината не треба да се префрла врз нас“, вели тој.
Тагесшпигел пишува дека Ромите во Гетинген добиле поддршка и од претставник на Мрежата за борба против дискриминација на Ромите. Според нивните тврдења, немало никаква прослава на Бајрам, а ткн. нулта-пациент е човек кој нема врска со ромските семејства.
Едно лице кое деновиве дејствува како некој вид портпарол на Ромите од таа зграда во Гетинген, вели дека токму благодарение на информација од жителите на зградата властите го идентификувале нулта-пациентот и дека тој е Африканец.
Порталот Т-Онлајн пренесува изјава на Херберт Хојс од Централниот совет на Синтите и Ромите во Германија кој вели дека баптистите кои создале жариште во црква во Франкфурт или младите во Берлин кои неодамна се забавуваа со чамци, никој не ги нападнал на тој начин како што сега се прави со Ромите.
„Да се прават сега жртвени јарци од Ромите во Гетинген е погрешно и ја стигматизира целата заедница“, вели тој за Т-Онлајн.
На прес-конференција во петокот од управата на Гетинген нагласија дека нема причини за сомнеж дека имало приватни прослави. Со оглед на ограничените животни услови во зградата и големиот број деца, теоретски е можно и без големи прослави да дошло до голема зараза меѓу населението.
Во моментов трае тестирањето на сите 605 жители на комплексот згради. Тестирањето е се уште доброволно, а соработката од жителите е добра. Сепак, заради безбедноста, тестирањето го обезбедуваат 30 полицајци, пишува Т-Онлајн.