Живот од другата страна на ѕидот
8 април 2015Изминатите 30 денови живеев во улицата „Чајка“ (галеб). На таа улица можеш да се прошеташ, но не е поволно таму да живееш, ако бараш вработување. Мојата сосетка Радостина (имињата се променети!) еднаш доби работа како продавачка, но по два дена доби отказ, откако работодавачот фрли поглед во пријавата на живеалиштето: на улица „Чајка“ живеат само Роми, а 48 проценти од Бугарите не сакаат да работат во иста фирма со нив. Дури ни ако тие не изгледаат како Роми и се модерно облечени, како мојата сосетка Радостина, на пример.
Во ромската населба се вселив на 8 март. Сакав лично да доживеам што се случува овде, непосредно да ја почувствувам границата помеѓу „нас“ и „нив“. Сакав да го запознаам нивниот став, да го споделам секојдневниот живот и директно да комуницирам со луѓето овде. Планот на градот, што го понесов со себе, се покажа како целосно бесполезен: на него е прикажано дека ромската населба е на природен начин поврзана со градот, но во реалноста таа е одвоена од градот со километраски долг бетонски ѕид. Од населбата се доаѓа во градот преку долга заобиколница и гробишта. Ова беше клучен пункт од мојот престој во населбата. „Новинарка сте? Немаме против, само во секој случај треба да напишете за ѕидот.“
Локалните власти тврдат дека ѕидот бил подигнат „од безбедносни причини“, а не за дискриминација на Ромите. Тоа дури звучи и прифатливо - бетонскиот ѕид е помеѓу населбата и железничката пруга; куќите преполни со деца, инаку, се само неколку метри оддалечени од пругата. Ѕидот не е несовладлива пречка за пешаци: еден светло сино обоен надвозник им стои на сите на располагање.
До градинка преку дупката во ѕидот
„Мајка ми ја болат нозете, таа не може по цел ден да се качува и симнува по скалите. Ние се провлекуваме низ дупката“, раскажува петгодишниот Митко. Тој секое утро во 9 часот е кај ѕидот - детската градинка е од другата страна. Пред многу години градинка имаше и во ромската населба, сега веќе не, и децата мораат да одат во онаа во градот. Тие сите, како и Митко, се провлекуваат низ дупката. Така се крати патот, но не е многу хигиенски и децата извалкани стигнуваат на другата страна.
Жителите од населбата се лутат поради лицемерното објаснување на властите за ѕидот. Ако беше поради пругата, можеа едноставно да постават рампа кај преминот, со право забележува една 23-годишна учителка. Без ѕидот 40 години немаше ниту една несреќа, кажува еден 70-годишен пензионер.
„Ова беше со намера направено“, вели и Димитар (името е променето!), кој штотуку го загуби работното место во градот - не затоа што е Ром, туку поради тоа што неговото работно место е укинато. Видин е град со највисока стапка на невработеност во Бугарија (преку 23 проценти) и минатиот месец повторно беа укинати неколку стотици работни места. Дворот од куќата на Димитар е поплавен, како и на стотици други куќи. Подземната вода не може да биде испумпана, оти воопшто нема таква постројка. На моето прашање зошто било намерно она, со ѕидот, тој молчи. Типична реакција што постојано ја доживував кај десетици жители: се лутат поради ѕидот, заборуваат за тешкотиите што им ги предизвикува во секојдневието, но немаат прифатливо објаснение зошто локалните власти би можеле да имаат „зла намера“.
„Ние не живееме во гето“
Од европски агол на гледање работата е кристално јасна: ѕид околу етнички дефинирана малцинска населба е јасен случај на гетоизирање, сосем независно од тоа како аргументира мнозинството од населението или пак властите. А, да не се спомнува и дека ѕидот е граден со пари од даночните обврзници и властите тврдокорно го бранат и покрај повеќе петиции на Ромите од населбата. Но, тешко е да се сфатат и разберат чувтствата и изјавите на Ромите за ѕидот: политичката димензија речиси и не се споменува, психолошкото влијание врз луѓето се премолчува од срам и сите жестоко се противат на претпоставката дека населбата на тој начин се гетоизира. „Не живееме во гето, ние сме сосем нормални луѓе“ - постојано наново тврдат моите соговорници, кои воопшто и не го прикриваат чувството на срам. Зборот „гето“ го доживуваат како лична навреда, стигматизација, обвинување дека никогаш нема да го напуштат „понискиот слој“. Мојот приговор дека „гето“ всушност звучи како осуда против мнозинството, тие не го разбираат.
Ромската населба во Видин се вика „Нов пат“. Името звучи горко иронично, особено денес, кога населбата веќе воопшто нема никаков пат кон градот. Дури ни заобиколниот пат преку гробиштата веќе не функционира - таму се копа на големо за нов градски водовод. Граѓаните одамна го очекуваат, но досега имаат само 15 километри раскопани непроодни улици, скандал со проневерни пари од данокот и градоначалник обвинет за корупција.
Така, ромската населба „рамноправно“ страда со другите. Но, за разлика од градските квартови каде живеат етнички Бугари, Ромите имаат и еден допллнителен проблем: во населбата не се поставува нов водовод.
„Ни фалат уште рампи и полициски час“, огорчено вели Димитар. Властите за се’ имаат некакво наводно објаснение: ѕидот е поради пругата, а водовод не смее да се прави оти најголем дел од куќите се дивоградби. Сигурно е дека ќе биде поставена и излезна рампа. На пример, за да се спречи кражба на метал“. Сето тоа не е смешно, вели Димитар, кој животот во населбата го смета за напорен. Нашиот разговор се врти околу поплавувањата, невработеноста, децата ... Никаков „Нов пат“, никаков излез - до каде што допира погледот.