Роденденско сиртаки за вечниот борец Теодоракис
29 јули 2015Иако 90-годишниот грчки политичар и музичар, Микис Теодоракис, одамна се повлече од активниот музички живот и политика, тој се’ уште е авторитет во Грција. На музичко поле и во областа на политиката. Грчкиот премиер Алексис Ципрас го посетил по изборната победа во јануари 2015 година. Во својата куќа под Акропол, Тоеодоракис му дал благослов: „Јас сум со тебе.“
По избивањето на финансиската криза во Грција во знак на протест против строгите мерки за штедење, Теодоракис го основаше движењето против потчинување на Грција. „Ние доживуваме национална трагедија“, со треперлив глас изјави пред своите сонародници во 2012 година. „Без никаква причина Грците се доведени до работ на амбисот“.
Политичарите не бараа секогаш негов совет. Како член на движењето на отпорот во текот на нацистичката ера и грчката граѓанска војна по Втората светска војна, и како борец против воената диктатура помеѓу 1967 година и 1974 година, бил прогонуван, затворан и мачен. Дури по 1974 година, се врати во демократска Грција, и оттогаш е еден од креаторите на нејзината политика.
Сиртаки
Името на Микис Теодоракис многумина го поврзуваат со познатата музика од култниот филм „Гркот Зорбас“ (три оскари), кој во 1964 година му донесе светска слава. Танцот од тој филм „сиртаки“, многумина го сметаат за дел од грчкиот фолклор, иако е измислен за потребите на филмот.
Микис Теодоракис компонирал и надвор од традиционалната музика. Има напишано повеќе од илјада песни. Тој, исто така, има компонирано и бројни симфонии, опери, камерна, балетска и филмска музика. Сепак, симбол на левичарските борци стана благодарение на едноставните, емотивни народни песни, кои се вкоренети во грчката традиција и во чии текстови ги озвучува големите поети од својата земја.
Теодоракис е роден на 29 јули 1925 година, на островот Хиос, кој се наоѓа во Егејско Море. На тринаесет години ја напишал својата прва композиција. За музиката се заинтересирал по гледање на еден стар филм за Бетовен, изјави за грчка ТВ станица. Младиот Микис сонувал за музичка кариера и се запишал на конзерваториум во Атина.
Но, студиите набргу биле прекинати. Во текот на окупацијата на Грција од страна на германските трупи, Теодоракис се борел против нацистите. Во граѓанската војна во Грција од 1946 година до 1949 година, тој се придружил на левичарскиот Народен фронт. Со неговата музика кренал вистинска културна револуција. Правел музика за социјално критичките текстови на поетот Јанис Ристос со звуците на забранетиот народен инструмент - бузуки.
Дефинитивно, светска слава му донесе музиката од филмот „Гркот Зорбас“ со Ентони Квин и баладата „Маутхаузен“, која во 1965 година ја отпеа тогаш 16-годишната Марија Фарантури. Додека неговата музика во Грција го поддржуваше народот во потрага по модерен и културен идентитет, композиторот како пратеник во грчкиот парламент ја продолжи политичката борба. Се’ додека воената хунта не организираше државен удар на 21 април 1967 година и Теодоракис исчезна во илегала. Кога беше убиен парламентарецот од левицата, Григорис Ламбракис, Теодоракис напиша музика за политичкиот трилер „З“ за воспоставувањето на грчка воена диктатура, и така на својот идол му направи музички споменик.
Народен херој
Како основач на „Патриотски фронт“, Микис Теодоракис е повторно уапсен, мачен и прогонет во логор. Неговата музика е забранета. Само со помош на познати уметници како Дмитриј Шостаковиќ, Леонард Бернштајн, Артур Милер и Хари Белафонте, Теодоракис е пуштен на слобода и во 1970 година е депортиран во егзил.
На концерти ја осудуваше диктатурата во сите бои и водеше кампања за отпор против воената диктатура во неговата родена земја. Во егзил во Франција ја компонираше познатата револуционерна песна „Канто Генерал“ според стиховите на чилеанскиот поет Пабло Неруда.
По падот на диктатурата во 1974 година, Микис Теодоракис се врати во својата татковина и беше славен како икона на слободата, како народен херој. Микис Теодоракис е „гласот на народот“ во Грција. Постојано се бори против авторитети и неправди. Секој кој игра важна улога во земјата, мораше еднаш да разговара со него. Сите го почитуваат во Грција, стар и млади, неговата музика ја свират на секоја прослава.