Роденденот на НАТО во знак на тензии
4 декември 2019Кралицата Елизабета Втора очигледно немаше желба целата НАТО-фамилија да ја покани на вечера. За Доналд Трамп беше веќе приреден државен банкет летоска, па така врвот на кралската прослава по повод 70-годишниот роденден на НАТО беше прием на нога во Бакингамската палата. По него следеше втор во премиерската резиденција, каде на гостите - шефови на држави или влади им беше понуден понекој пијалок.
Ниту Борис Џонсон значи не сакаше вечерта да ја помине со своите колеги, посебно со американскиот претседател. Можеби среде британската изборна кампања стравуваше од фотографирање со Трамп? Но, дури и контрадемонстрантите, критичари на Трамп, иако летоска ги имаше стотици илјади на улиците, овојпат беа бледи, се чини дека постои извесна замореност од темата Трамп.
Уметноста на парадоксални интервенции
Најголемо внимание вчера предизвика забелешката на Доналд Трамп за францускиот претседател: изјавата на Макрон, кој НАТО го нарече „клинички мртов“, е „зла и без почит“, на Франција НАТО и` е попотребен отколку на другите, рече Трамп, но не ја објасни мислата подетално.
Неговиот настап беше проследен со подбив, зашто самиот Трамп неодамна за НАТО рече дека е „непотребен“, а и неговиот поранешен советник за безбедност, Џон Болтон, пред средбата во Лондон Алијансата ја критикуваше како „надмината“ и дека Трамп по неговиот реизбор веројатно ќе ја напушти. Макроновата тактика, Трамп да го претвори во страствен поддржувач на НАТО, набљудувачите ја нарекуваат успешна „парадоксална интервенција“. Таа се применува во педагогијата кај малите деца, убедувајќи ги во нешто, за всушност да го направат спротивното и да ги прифатат родителските желби.
На заедничката прес конференција Трамп сепак не се осуди на Макрон во лице да му ја повтори својата забелешка. А Макрон му врати на сличен, иако малку поелегантен начин. На шегата на Трамп, дали Макрон би сакал неколку борци на Исламска држава, може дури и да си одбере кого сака, Макрон кратко одврати: „Да бидеме сериозни.“
Што се однесува пак до турскиот претседател и неговата унилатерална политика во поглед на граничната област во Сирија, Макрон истакна дека воената интервенција против Курдите претходно не беше договорена со НАТО, исто како и повлекувањето на американските трупи од регионот. А притоа, најважна цел е всушност завршување на борбата протов Исламска држава, рече Макрон, јасно ставајќи на знаење што мисли за политиката на пријателите во Вашингтон и Анкара.
Освен тоа, Турција одамна соработува со поддржувачите на Исламска држава. За Макрон е исто така несфатливо како е можно Турција да купува руски ракетен одбранбен систем С-400, а во НАТО важи правилото да не се купува оружје настрана од рамките на Алијансата. Турскиот претседател должи одговор на овие прашања. Макрон, силно разлутен од испадот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој на францускиот претседател му порача да преиспита дали самиот страда од „мозочна смрт“, вербално остро се пресмета со двата сегашни пореметувачи на мирот во НАТО. Тој го поучи Трамп да не зборува во секоја прилика за пари, зашто американскиот претседател не можеше да се воздржи и во Лондон повторно ги опомена „деликвентните“ партнери кои не ја исполнуваат обврската за издвојување два проценти од бруто домашниот производ за одбрана.
Ќе има ли завршна декларација?
Дневниот ред на средбата во Лондон беше екстра планиран така што спорните теми да останат настрана, таа да трае само три часа, што ја редуцира можноста од кавги. Намерата беше да се демонстрира слика на единственост, но од тоа изгледа нема ништо да биде. Дискусијата за опасностите од вселената и тероризмот би требало да бидат неспорни. Првпат во официјалниот видокруг на НАТО е вклучена и Кина како сила која содржи „шанси и закани“. Но, далеку од тоа дека членките на НАТО имаат единствена политика кон Кина, тука секој во прва линија го следи својот интерес. Но, заедништвото е доволно за неколку едноставни реченици за Кина како светска сила во подем. Без отпор помина и предлогот да се задолжат експерти за дискусија околу предлози поврзани со стратешките цели и иднината на НАТО - зашто крајно, говоранциите не чинат ништо.
Посакуваното демонстрирано единство може да го минира Турција. Се чини таа ја сфаќа сериозно заканата за бојкот на завршната декларација, доколку НАТО не се согласува со турската дефиниција за тероризам, насочена против курдската милиција ИПГ. А првенствено францускиот претседател Макрон нема воопшто таква намера, со оглед што Курдите го носеа главниот товар во борбата против Исламска држава.
Повеќе:
Самит во Лондон: Судирот меѓу Трамп, Макрон и Ердоган го тресе НАТО
Турција - проблематичното дете на НАТО
Нервоза во НАТО пред славеничкиот самит во Лондон
Макрон не жали што му детектираше „мозочна смрт“ на НАТО
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг или германската канцеларка Ангела Меркел мора да ја употребат целата своја дипломатска вештина за во случајов да најдат формула која ќе го спаси образот. Претседателот Ердоган, кој од друга страна политички флертува со Русија, се чини е наострен за кавга. Пропорционално со падот на неговата омиленост во неговата земја, расте неговата жед за кавги на надворешнополитички план. Средбата на маргините на тема Сирија, на која учествуваа домаќинот Џинсон, Макрон, Меркел и Ердоган, помина целосно безуспешно. „Средбата беше добра“, изјави канцеларката, но постои потреба од натамошни разговори.
Последен тензичен елемент останува состанокот меѓу Меркел и Трамп веднаш по официјалната средба на НАТО. Дали Трамп повторно ќе ја стави Меркел под притисок, на пример поради одбивањето на Германија да го исклучи Хуавеи од учество во 5Г мрежата во земјата или ќе се жали на германскиот извоз на автомобили? Барем во поглед на личните навреди, канцеларката може да биде сигурна: кај Доналд Трамп е како во училишен двор, подмолностите за другите тој ги кажува главно во нивно отсуство.