1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

РКИ: Вакцина против коронавирусот наредната пролет

ЕМФ | агенции
18 март 2020

Германскиот институт „Роберт Кох“ ги олади надежите за наоѓање вакцина против коронавирусот во наредните недели. Бројот на инфицирани лица во Германија се зголемува забрзано.

https://p.dw.com/p/3ZdSm
Marburger Forscher suchen Impfstoff gegen Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

„Лично сметам дека е реално да се очекува вакцина во пролетта 2021 година“, изјави денеска претседателот на германскиот институт „Роберт Кох“ (РКИ), Лотар Вилер. Мора да се стори сѐ што е неопходно од административна страна, но тест-фазите не може да се скратат, нагласува Вилер и додава: „Мора да имаме безбедносен профил. Вакцините може да имаат и нуспојави.“

Претходно Дитмар Хоп, косопственик на фармацевтската компанија CureVac од Тибинген, изјави дека е можно вакцината да биде достапна од оваа есен.

Deutschland Coronavirus - Pressebriefing im RKI - Lothar Heinz Wieler
Лотар Хајнц Вилер, претседател на германскиот институт „Роберт Кох“Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Carstensen

„Секој би бил среќен како мене кога би имале вакцина порано“, коментираше Вилер од РКИ. Според институтот, инфекцијата со коронавирусот се шири забрзано во Германија. „Имаме експоненцијален пораст. На почетокот сме на една епидемија која ќе трае уште многу недели и месеци“, оцени тој.

Вилер предупреди дека доколку не се намалат контактите меѓу луѓето е можно за два до три месеци во Германија да има 10 милиони инфицирани лица. Тоа би го преоптоварило здравствениот систем. До ноќеска на полноќ, според информации на РКИ, во Германија имало 8198 инифицирани, или над 1000 лица повеќе од денот претходно. Бројот на починати е непроменет - 12 лица.

Овде можете да ја најдете интерактивната карта на универзитетот „Џон Хопкинс“ која го прикажува ширењето на вирусот во светот: 

Колку се ефикасни мерките на владата за ограничување на контактите ќе се покаже дури по две недели. За проценка на состојбата се важни податоците кои РКИ ги добива од Дојче Телеком во однос на тоа дали луѓето сега се помалку во движење во споредба со претходните денови. Според Вилер, податоците кои се добиваат се сумирани и анонимизирани.