РКЕ ги отфрли барањата на ВМРО-ДПМНЕ
16 септември 2020Регулаторната комисија за енергетика нема да ја поништи одлуката за зголемување на цената на електричната енергија, ниту прифаќа било кое од останатите три барања кои до неа ги поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Како одговор на одбивањето на нивните барања, од ВМРО-ДПМНЕ за утре најавија нов протест против поскапувањето на струјата.
Во одговорот испратен до ВМРО-ДПМНЕ, потпишан од претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, се наведува дека сите одлуки на Комисијата се донесени согласно законите.
„Регулаторната комисија за енергетика нема да ја поништи Одлуката со оглед дека истата се базира врз детални анализи направени од Регулаторната комисија за енергетика и со истата се гарантира сигурноста, доверливоста и стабилноста на испораката на електричната енергија“, се наведува во дописот во кој имаше увид ДВ. Од РКЕ велат дека ВМРО-ДПМНЕ во барањето не навело никакви факти и аргументи за промена на одлуката.
„ Во Вашето барање немате наведено кои елементи сметате дека Регулаторната комисија за енергетика не ги определила правилно и поради тоа треба да ја поништи сопствената Одлука, од причина што Регулаторната комисија за енергетика работи врз основа на закон, а својата одлука ја има донесено врз основа на цитираните законски одредби, факти и аргументи, коишто во Вашето барање за конкретниот случај изостануваат".
Поскапата струја нема да ги поскапе производите
Од РКЕ ги отфрлаат тврдењата дека зголемувањето на цената на струјата ќе влијае врз поскапување на производите. Оттаму велат дека со оглед на фактот што пазарот на електрична енергија е либерализиран, големите потрошувачи имаат можност да изберат меѓу 14 активни снабдувачи со електрична енергија и со нив да ја договорат цената за снабдување. Големите потрошувачи имаат можност да бидат приклучени на 0,4kV напонско ниво, со втор тарифен степен, со што цената на потрошената електрична енергија би била пониска дури и до 30%.
Во однос на животниот стандард на граѓаните, од РКЕ велат дека се прават напори да се заштитат ранливите категории на граѓани и дека се планира привремена мерка со која ќе се прошири опфатот на граѓани кои ќе влезат во групата за субвенционирани сметки- особено граѓаните кои се директно економски погодени од кризата со коронавирусот.
Претседателот на Комисијата го отфрла барањето за оставка од ВМРО-ДПМНЕ, и наведува дека РКЕ во последните три години од стапувањето на функцијата на двапати е прогласувана за најдобро регулаторно тело во регионот на Западниот Балкан, плус Украина, Молдавија и Грузија. Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за професионализација на Комисијата се отфрла со објаснување дека во РКЕ веќе работат професионалци од својата област избрани од Собранието.
Нов протест на ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ минатата недела на двапати организираше протести против поскапувањето на струјата пред седиштето на РКЕ во Скопје.
За утре, среда 17.09., најавен е нов, трет по ред, протест на истата тема.
„Мафијата на Заев ја урна економијата во Македонија. Поради неспособноста на Владата, предводена од СДСМ, за пет месеци над 40 илјади граѓани останаа на улица. Македонија има историски пад на БДП од 12.9 отсто. Заев тргува со македонската историја, го продава Гоце Делчев. Земјоделците поради владата на СДСМ се на питачки стап. Протестираме и ќе продолжиме. Капак на сѐ е поскапата струја, која гризе од стандардот на сите. Затоа продолжуваме да протестираме против поскапата струја која носи сиромашен народ“, се наведува во најавата за протестот на ВМРО-ДПМНЕ.