1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решението за спорот за името е се` уште далеку

Костадин Делимитов21 ноември 2012

Аналитичарите во Македонија се скептични дека последните иницијативи од Брисел и ОН ќе доведат до позначајни позитивни поместување во спорот околу името.

https://p.dw.com/p/16nHQ
Фотографија: MIA

Поранешниот амбасадор Денко Малески во изјава за Дојче веле смета дека последниве месеци забележлив е напорот на Комисијата на ЕУ, преку комесарот за проширување Штефан Филе, да се откочи преговарачкиот процес меѓу Македонија и Грција. Овој европски сигнал што деновиве беше испратен и до ОН, каде Метју Нимиц се вклучи во заедничкиот напор за излез од ситуацијата на ќорсокак, според Малески сепак ќе се покаже како недоволно за самитот на ЕУ во декември, затоа што засегнатите страни, Македонија и Грција, не покажуваат сериозен интерес за компромис:

„Од двата Меморандума јасно се гледа дека она што македонската страна е спремна да го направи како отстапка е премалку за политичарите во Грција, а она што Грција го бара е премногу за политичарите во Македонија. Згора на ова, домашните политички процеси во Македонија и Грција само ја зголемија националната чувствителност на двете страни, оддалечувајќи ги од било какво решение. За ситуацијата да биде уште полоша, Америка покажува целосна незаинтересираност сериозно да се вклучи во проблемот, како пред Букурешт, свесна дека залудно ќе го стави својот авторитет на проба и нема да оствари ништо, освен што ќе го наруши својот кредибилитет како светска сила“, смета Малески.

По декемврискиот состанок на Европскиот совет на шефови на држави и влади, според него, ќе стане уште појасно дека за Македонија нема брз излез од блокадата на соседите, затоа што како што вели, историските рецидиви од последново столетие управуваат со мислите и со постапките како на Македонија, така и на балканските соседи.

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister
Денко МалескиФотографија: privat

„Значи, во нашата свест е главниот проблем: тој бедем не може да го сруши ниту Европа ниту Америка. Тој бедем во нашата свест можеме да го срушиме само ние самите “, изјави Малески за Дојче веле.

Засилен дипломатски притисок

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски препознава засилен дипломатски притисок пред самитот на ЕУ во декември каде Македонија очекува да добие датум за почеток на преговорите. Сепак не очекува какви било позитивни поместувања во однос на почитувањето на нејзините фундаментални интереси:

„Не треба да биде спорно дека Нимиц никогаш не работеше по инструкции од генералниот секратер на ОН, чиј формален претставник е, туку неговата логистика беше Стејт департментот. Сега тој е во директна функција на предлогот на Филе, решение за проблемот да се најде во рана фаза од преговорите за членство во ЕУ. Тоа е повторно во координација со Вашингтон. Познати ни се рамките во кои досега Нимиц ги формулираше своите предлози, кои никогаш не беа прифатливи за Македонија. Тие скоро секогаш беа надвор од мандатот кој го имаше. Тоа значи дека ништо ново не можеме да очекуваме и ќе бидеме соочени со идеи кои земјата не смее да ги прифати. Не‘ очекува тежок период“, смета Никовски.

Во игра и натаму „црвените линии“?

Амбасадорот Метју Нимиц на вчерашната прес конференција во Њујорк не сакаше да конкретизира какви било детали околу неговите нови идеи. Тој само истакна дека тие им се пренесени на претставниците кои треба да ги разгледаат со владите во Скопје, односно Атина. Експертите сепак се скептични дека по ваквиот развој има подготвеност кај двете страни за поместување од своите позиции, односно таканаречените црвени линии. Средбата на Метју Нимиц со амбасадорите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис се случува откако Скопје и Атина разменија меморандуми во кои ги изнесоа своите ставови околу процесот.