Референдум против блокираните умови и заглавените лифтови
26 април 2015
„Дали сте за зачувување на автентичниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар“ - ќе биде прашањето на кое граѓаните на општина Центар ќе дадат одговор на денешниот референдум. Од нивното „за“ или „не“ ќе зависи дали една од современите архитектонски икони на Скопје ќе падне под налетот на интензивното преоблекување на градското јадро во комбинација од измешани стилови на неокласицизам и паладијанизам и ќе заврши како затворен мол, или и натаму ќе ја живее идејата на авторот да функционира како систем на покриени улици, еден авангарден концепт на отворена чаршија, модел кој отворен за натамошни иновации во истиот дух, но затворен за манипулации спротивни на неговата суштина и идеја.
Златен кафез за ГТЦ
Кога пред неколку години беше најавена реализацијата на владиниот проект „Скопје 2014“, малкумина веруваа дека градот ќе доживее толку драматична трансформација преку негово враќање кон конзервативни архитектонски стилови и правци од минатото, наспроти можноста да расте во стилот, вредностите и потребите на новото време. Целиот тој ретрограден пакет- аранжаман, граѓаните протестно го идентификуваа како „евтин барок“.
Гипс плочите со класицистичка орнаментика, кои на некои објекти брзо паѓаа и се одлепуваа дури и по ситен дожд, го отворија не само прашањето за стилот, туку и за квалитетот на материјалите употребени во градбите на проектот, кој изеде повеќе од половина милијарда евра буџетски средства. И не само тоа. „Скопје 2014“ стана критикуван проект и заради огромната нетранспарентност во неговото спроведување. Сомневањата на архитектите дека зад идејните решенија на новите градби стојат нестручни лица, добија потврда со аудио-снимки на една од опозициските „бомби“, според која, тие решенија се цртаат и доцртуваат во премиерскиот кабинет, по идеја на премиерот, а на хартија само формално ја преточуваат архитекти - извршители!
Во истиот манир, и ГТЦ е еден од објектите кој треба да добие архитектонски фејс-лифтинг што ќе го претвори во класицистичка убавица. Нему, преку буџетска липосукција му се подготвува брза блефаропластика, вградување силиконски имплатанти кои ќе му го истакнат барокното деколте, новите силиконски усни и - златниот кафез! На отворениот објект, во кој ниту се влегува ниту се излегува затоа што луѓето низ него едноставно течат како река, сега му се закануваат ѕидови и врати кои ќе ја спречат неговата природна аерација и ќе ја запрат сегашната просторно неогрограничена флуктуација. Објектот кој е во природна коалиција со четирите годишни времиња - во лето нуди пријатна ладовина, во зима топла заветрина, во есен е отворен чадор, а во пролет скалеста цветна саксија, соочен е со опасноста да стане затворена коцка која ќе комуницира сама со себе, но не и со околината. Тој со ништо нема да се претопи и вклопи во контекстот и опкружувањето, туку ќе биде еден од многуте молови што наликуваат еден на друг, без препознатливост и личен архитектонски белег.
Блокирани лифтови
Токму отсуството на слух кај власта за ваквите аргументи на стручните лица, но и за желбите на граѓаните ГТЦ да го задржи тој изглед, тој дух и таквата коресподенција во јавниот простор, го предизвика денешниот референдум. Но, поради целиот реидентификациски однос кон градот и неговото јадро, а кој во потконтекстот внесува идеологизирање на архитектурата за потребите на власта во политичката сегашност, овој референдум ќе биде многу повеќе од изјаснување само за изгледот на ГТЦ. Тој ќе биде референдум за стопирање на идентитетското ребрендирање на нацијата со помош на гипс плочи кои се наменети да бидат клучни, „заштитени сведоци“ за „македонскиот македонизам“ во историјата. Ќе биде референдум против нетранспарентноста во одлучувањето за изгледот на јавниот простор, референдум против волунтаризмот на секое ниво, референдум против сомнителни и наместени тендери за избор на градителите на кич, референдум против владејачката ароганција, киднапирањето на градот, но и на државата.
Обидите преку разни видови манипулации да се оневозможат гласачите да ја изразат својата волја, кои според акредитираните набљудувачи, почнале уште ноќеска, најпрво со намерно блокирање на лифтовите во висококатниците во Центар, нема да го спречат референдумот. Може само дополнително да ги мобилизираат граѓаните уште пожестоко да се спротивстават на таквите недемократски методи, кои не се само закана за изгледот на ГТЦ, туку многу повеќе од тоа - за изгледот и иднината на Република Македонија. Закочените лифтови може да станат импулс повеќе за сите оние кои сметаат дека потенцијалот на слободната волја на граѓаните може да биде катализатор за општествени промени.
А, ако манеризмот на авторитарната матрица ја предизвикува и провоцира гласачката волја на толку примитивен начин, тогаш, не е исклучено граѓанскиот отпор од локално ниво да се пренасочи на глобално ниво - од 114.000 квадратни метри, колку што има ГТЦ, да се прошири на 25.713 квадратни километри колку што има Македонија. Таквите референдуми не зависат од тоа дали и кога ќе бидат распишани. За нив може да одлучат и расипани лифтови.