Референдум во Каталонија: Што сега?
2 октомври 2017Според наводите на каталонската влада, околу 90 насто од гласачите ја поддржале независноста на Каталонија, додека против гласале нешто помалку од осум насто. „Го освоивме правото да имаме независна држава“, изјави премиерот на автономната каталонска управа Карлес Пуџдемон. Сепак, на спорниот референдум гласаа само 42 насто од 5,3 милиони граѓани на Каталонија со право на глас. Според прописите на каталонскиот парламент, за успех на референдумот не е потребна определена излезност.
Во текот на денот на гласањето повредени беа повеќе од 840 граѓани и 30 полицајци. Сојузната шпанска полиција се обиде да го спречи одржувањето на референдумот, ги затвораше гласачките места, одземаше гласачки материјал...бројни видео снимки говорат за брутални напади врз ненасилните граѓани.
Во Барселона беа користени и гумени куршуми. Додека каталонските сепаратистички власти најавуваат тужби пред меѓународните судови, претставници на властите во Мадрид ѝ се заблагодарија на полицијата и оценија дека таа реагирала „одмерено“ и во согласност со ситуацијата.
Тие сцени и целата атмосфера во Каталонија не беа само причина за малата излезност, туку и за хаотичната процедура на гласање. Регионалните власти тврдат дека 96 насто од вкупно 3215 гласачки места функционирале нормално. Но граѓаните можеа да гласаат насекаде, така што се множат извештаите за повеќекратно гласање на исти лица. Во еден момент граѓаните можеа и самите да си го отпечатат гласачкото ливче, а на некои места немаше никаква контрола кој гласа - изборните места беа отсечени од интернет, па никој не го контролираше избирачкиот список.
Каква и да е оценката на самиот ден на референдумот, јасно е дека владата во Мадрид нема намера да го признае. „Немаше никаков референдум“, изјави премиерот Маријано Рахој. Тој наведе дека мнозинството Каталонци останале дома додека регионалната влада останатите ги измамила да учествуваат на нелегално гласање. Шпанскиот Устав не доволува покраините сами да распишуваат какви било референдуми, така што Уставниот суд го забрани гласањето во Каталонија.
Заканот за осамостојување од Шпанија, кој неодамна го усвои каталонскиот парламент, предвидува дека, ако мнозинството граѓани се изјасни за независност, таа ќе биде прогласена во рок од 48 часа. Најнапред, меѓутоа, треба до крај да се пребројат гласовите и да бидат прогласени „официјални“ резултати. Шпанскиот премиер Рахој најави дека е подготвен за дијалог, но и дека резултатот од референдумот нема да биде признат.