1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Рекет“ не ја руши довербата на Заев во Јанева

БГ
17 јули 2019

Премиерот Зоран Заев стои зад Катица Јанева и покрај шпекулациите за нејзината вмешаност во случајот „Рекет“ почитувајќи ја презумпцијата на невиност. Вели дека е горд на тоа како функционира правната држава во земјата.

https://p.dw.com/p/3MC7Z
Nord-Mazedonien | Pressekonferenz des Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„За мене никој не е виновен додека тоа не се докаже“, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција коментирајќи ги наводите за инволвираност на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во случајот „Рекет“.
Заев ја смета Јанева за човек „кој се борел за правда и покажала храброст во време кога сите шепотеле“. 
„Додека не се докаже дека таа е инволвирана во криминал секако дека стојам зад неа како личност“, рече Заев.

Специјалното јавно обвинителство вчера одржа прес-конференција на која, де-факто, обвинителите се оградија од Јанева. Нивната шефица не беше присутна на настанот, а според портпаролката Ленче Ристоска, вработените во СЈО не контактирале со неа откако најави оставка на функцијата.

Во понеделникот, Јавното обвинителство соопшти дека води истрага против двајца осомничени кои рекетирале познат бизнисмен кој бил под истрага од СЈО. Во случајот бил инволвиран и јавен обвинител кој засега не се именува, но гласно се лицитира со името на Јанева.

Премиерот го повика Јавното обвинителство да одговори на повеќе прашања кои се наметнуваат по откривањето на скандалот:
- Да каже дали Јанева била злоупотребена или употребена;

- Дали имало вмешаност на странска држава во случајот.

Тој одби директно да ги коментира шпекулациите за вмешаност и на функционери на СДСМ во аферата, но порача дека „секој треба да одговара доколку сторил нешто незаконско“.

Заев соопшти дека бизнисмени од внатрешноста лично кај него се жалеле дека биле предмет на уцени и тој, случајот го пријавил.

Заев вели дека „е горд на тоа како функционира правната држава“ и порача дека борбата против криминалот и корупцијата е императив.

„Ваквите случаи во минатото се заташкувале. Порано се ставаше се под тепих. Оваа власт покажа дека владеењето на правото е приоритет. Моќници порано ги задскривале ваквите случаи. Денес покажуваме дека никој не е заштитен. Секој ќе одговара и за секој ќе бидат отворени истраги ако постојат индиции за тоа“, рече Заев.