1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Режимот на Гадафи пред суд

АТ/ дпа/ртр14 април 2014

Во главниот град на Либија Триполи започна оспоруваниот процес против двајца синови на поранешниот диктатор Моамер ел Гадафи и 35 други лица. Двајцата најпознати обвинети не се појавија на почетокот на судењето.

https://p.dw.com/p/1BhoQ
Фотографија: Reuters

Речиси три години по соборувањето на долгогодишниот либиски властодржец Муамер ел Гадафи во Типоли почна процес против двајца негови синови како и членови на тогашната влада. Според наводи на набљудувачи на процесот ниту Ал-Саади Гадафи, ниту брат му Саиф ал-Ислам Гадафи не се појавиле во судската сала во затворот Ал-Хадба.

Главниот обвинител Сидик ал-Сур рече дека Ал-Саади Гадафи засега ќе изостане од процесот, оти истрагата е сѐ уште во тек. Ал-Саади исто како и брат му за време на народното востание против татко им во 2011 година командувал со борбена бригада. По смртта на Муамер ел Гадафи тој пребега во соседен Нигер. Оттаму на почетокот на март беше израчен во неговата татковина. Наспроти неговиот брат, тој никогаш не навести политички амбиции, туку многу повеќе водеше живот како плејбој и фудбалски професионалец.

Само 23 обвинети во судската сала

Саиф ал-Ислам, кој долго време се сметаше за наследик на Моамер ел Гадафи, во ноември 2011 година беше уапсен на западот на земјата при обид да ја напушти Либија. Тој сѐ уште се наоѓа во градот Ал-Синтан во рацете на една од најмоќните милиции. Тие одбиваат да ѝ го израчат на централната влада, бидејќи таа не можела да гарантира фер процес. Бунтовниците предложиле Саиф во процесот да учествувал преку видео вклучување.

Државната новинска агенција Лана соопшти дека денеска на обвинителната клупа се нашле 23 обвинети, меѓу нив поранешниот премиер Багхдади ал- Махмуди, екс-министерот за надворешни работи Абдул Ати ал-Обеиди, поранешниот шеф на тајните служби Абдула ал-Сенсуи. Вкупно 37 лица се обвинуваат меѓу другото за воени злосторства и корупција. На еден од нив му се заканува смртна казна.

Меѓународниот суд и организациите за човекови права како Хјуман Рајтс Воч пред почетокот на процесот изразија задршки, дали либиските правосудни органи би можеле да гарантираат фер процес. Политичката состојба во Либија и натаму е нестабилна. Преодот кон едно демократско општество се одвива тешко, бидејќи некои од револуционерните бригади и милиции не сакаат да го предадат оружјето.