1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Регионални жаришта на коронавирус во ЕУ

Бернд Ригерт
13 август 2020

Тешкa е споредба на бројките на заразени со коронавирусот поради различните стапки на тестирање и гранични вредности. Сепак европските власти за контрола на болести се обидуваат да добијат ваква слика – трендот е јасен.

https://p.dw.com/p/3gsd4
Coronavirus | Belgien Brüssel | Maskenpflicht
Фотографија: DW/B. Riegert

Во поширокиот регион на Брисел со своите 1,2 милиони жители од средата наутро носење заштитна маска со која се покрива устата и носот е задолжително насекаде и во секое време, освен ако спортувате. Покрај тоа, во Брисел, исто како и во останатиот дел на Белгија дозволени се средби на максимум пет лица истовремено, а во продавница можете да одите само сами. Со тоа Брисел има најстрога регулатива во споредба со другите европски метрополи. Но, Брисел како и Антверпен е дел од Северна Белгија, која е засега една од областите со највисока стапка на заразени во Европа.

Трендот во Европа: бројот на случаи полека се зголемува

Сепак бројот на новозаразени е сѐ уште далеку од оној на првиот бран од март и април кога речиси цела Европа беше во карантин. Ова е заклучокот од статистиката која ја собира Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ЕЦДЦ) во Стокхолм. Во неделните извештаи на ова европско тело се забележува јасен тренд: инфекциите на коронавирусот повторно се зголемуваат во Европа, но сѐ уште може да се издвојат регионалните жаришта. Според ЕЦДЦ тоа се пред се Луксембург, Белгија, североисточен регион на Шпанија, во околината на Лисабон во Португалија, одредени региони во Романија, Бугарија и на Малта.

Повеќе:

Втор бран коронавирус – за Европа тоа не треба да е проблем!

Вразумете се, вториот бран на коронавирус е неизбежен!

Трендот на бројките од ЕЦДЦ ја преставува ситуацијата од пред 14 дена. Институтот Роберт Кох во Берлин, кој е задолжен за дефинирање на ризични области за Германија, смета дека и шпанскиот главен град Мадрид е ризично место, бидејќи таму во изминативе седум дена има по 80 заразени дневно на 100.000 жители, што е многу над пропишаната граница од 50 новозаразени на 100.000 жители.

Друг тренд кој се потврдува преку статистиката на ЕЦДЦ е тоа дека бројот на смртни случаи како последица на Ковид 19 не расте толку многу како што расте бројот на новозаразени, а не расте рапидно ниту бројот на пациенти кои мора да бидат хоспитализирани на интензивна нега. Виролозите претпоставуваат дека тоа може да се должи на фактот што сега претежно се заразени помлади луѓе кај кои болеста не се развива во потешка форма.

Европските власти: тешко е да се направи споредба

Европскиот центар за контрола на болести е категоричен дека многу е тешко да се направи споредбата меѓу статистиките на одредени ЕУ- држави поради тоа што податоците се прибираат по различен терк. На пример, бројот на тестови се разликува од земја до земја, што пак секако зависи и од бројот на пријавени случаи на заразени.

Така Луксембург со над 150 новозаразени на 100.000 во последните 14 дена е на врвот, но тој е на прво место и по бројот на направени тестови. Во меѓувреме бројот на нови случаи полека опаѓа, но помалку или повеќе речиси целото население од 600.000 е тестирано. Во Луксембург стапката на тестирање е околу 10.000 на 100.000 жители неделно. Во Германија оваа квота е 600, а во Хрватска само 300.

Франција и Германија го вклучуваат алармот

Во Франција стапката на новозаразени дневно во просек е 1600. Тоа е причина поради што одредени градови, меѓу кои и Париз, воведоа задолжително носење заштитна маска на јавни места. Францускиот премиер Жан Кастекс ги предупреди своите сограѓани дека мора повеќе да се придржуваат до мерките за дистанца и рестрикции поради коронавирусот. Во спротивно, се закани тој со втор целосен карантин и построги ограничувања на движењето. „Сигурен сум дека никој не сака тоа да го доживее тоа по втор пат,“ изјави Кастекс во Париз.

Во Германија бројот на нови случаи на заразени е отприлика околу 1000. Овој тренд е „загрижувачки“ за германскиот министер за здравство Јенс Шпан. Тој за Дојчландфунк додаде дека човек мора да е претпазлив и внимателен бидејќи низ целата земја има мини жаришта. При тоа Германија во споредба со останатите европски земји стои сосем добро. Во изминатите 14 дена таму има по 13 новозаразени на 100.000 жители. Овој таканаречен граничен број во Романија е 80, а во Белгија и на Малта 60.

Повеќе:

На училиште со маска по летните горештини

Германија: Раст на новоинфицирани, 150 евра за неносење маска во јавен превоз

Обврска за носење заштитна маска и на отворено

Европските експерти од ЕЦДЦ, во неделната анализа на ризик пишуваат дека ризикот за понатамошно ширење на коронавирусот е „умерен“ за државите кои и понатаму се придржуваат до правилото за социјална дистанца и идентификација на локалните кластери. За оние држави во кои граѓаните не ги почитуваат мерките за дистанцирање и посебна хигиена, ризикот за ескалација на епидемијата е „висок до многу висок.“

Ако ги погледнете земјите надвор од ЕУ, ќе видите дека продолжува експоненцијалниот раст на бројот на заразени. Бранот на зараза не спласнува, како што е случај во ЕУ. Особено високи бројки на новозаразени има во САД со 56.000 и Бразил со 45.000 на ден.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија