1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реванш на Металург

Златко Калински25 ноември 2013

Металург му возврати на Вардар со победа од 26:18 во историските дуели во Лигата на ракометните шампиони. Пред 10 дена Вардар беше поуспешен со 27:22. Мојсовски вели: „На добар пат сме“.

https://p.dw.com/p/1ANSK
Фотографија: Agentur Makfax

Само десет дена по првиот натпревар, двете најдобри македонски екипи Вардар и Металург имаа нова битка, од ЕХФ прогласена за дерби на колото во Лигата на шампионите. Сочување на исто место, во ист амбиент, исполнет со силен навивачки набој, со истата мотивираност на актерите... Само епилогот е различен. Ракометарите на Металург сега му се радуваат на успешниот реванш кој ги носи многу блиску до повисокото рамниште во најелитното европско клупско натпреварување.

Долго во мечот, едно цело полувреме, немаше навестување за таква уверлива победа на Металург. Напротив, полувремето заврши со предност на Вардар со 12:10. Во вториот дел улогите беа сменети. Ренато Вугринец, со 7 постигнати голови, имаше вообичаено голем придонес во победата на Металург:

„Од психолошки аспект ова за нас беше исклучително тежок натпревар. Пред десет дена загубивме и станавме никој и ништо. Одеднаш за нас овој натпревар доби голема тежина, безмалку - да се биде или не. Победивме со 8 голови разлика и покажавме колку можеме.“

Мотивираноста и голманот Мијатовиќ клуч на успехот

Дарко Станиќ е миленикот на навивачите на Металург. Но, во дербито против Вардар симпатиите ги освои Раде Мијатовиќ. Со серијата фантастични одбрани го иницираше резултатското кревање на Металург:

„Никој не смееше да не‘ отпишува прерано. Со многу ентузијазам и борбеност го одигравме овој натпревар. Што се однесува до моите одбрани, пресреќен сум што дадов свој придонес во победата“, изјави по натпреварот Раде Мијатовиќ.

Капитенот на Металург, Наумче Мојсовски, е со свое видување за мечот:

„По првото полувреме со многу наши грешки и пропуштени шанси продолжението го одиграме многу похрабро, знаевме што сакаме и кога ни се укажа шансата за победа не ја испуштивме од раце. Сепак, клучот на успехот беа извонредните одбрани на голманот Мијатовиќ. Тој ни го засили победничкиот дух.“

Вардар 16 минути одигра без постигнат гол во второто полувреме. Поразот беше неминовен, вели тренерот на Вардар Андон Бошковски:

„Не очекував ваков расплет, особено не по првиот дел во кој бевме доминантни. Не ја задржавме почетната концентрација. Влеговме во криза во играта, траеше долго и до крај не успеавме да се извлечеме од неа. Одбраната не беше добра како во првиот натпревар, ниту нашата реализација во напад. Нивниот голман беше одличен. Се собра од се‘ по малку. Ова ни налага добро да го анализираме овој натпревар.“

Филип Лазаров, репрезентативниот бек на Вардар, ја истакнува поголемата мотивираност на ракометарите на Металург:

„Во второто полувреме тие истрчаа далеку помотивирани и не‘ надиграа. Не сакам да ја оспорам победата на Металург, но имам впечаток дека и судиите го променија својот критериум, што е еден од факторите за да загубиме со толкава разлика. Можеби во завршницата, кога беше извесен победникот, требаше да се обидеме да одиграме тактички, да не загубиме со повеќе од 5 гола разлика, бидејќи и меѓусебните дуели можеби ќе го решаваат редоследот на табелата во групата. Во случајов го загубивме чекорот со Металург.“

Металург и Вардар блиску до нокаут фазата

По шест одиграни кола во Ц-групата од Лигата на шампиони, води Барселона со 11 бодови, Металург е втор со 8, трет е ПСЖ со 7, Вардар е четврти со 6 бодови... Преостануваат уште две кола. Какви се шансите за пласман во нокаут фазата?

„Ние сме на добар пат. По победата над Вардар со 99% сигурност сме во нокаут фазата. Ни гостува Тун, кој е без бодови, а кого го победивме и во Швајцарија. Со тоа нашиот план на крајот од годината би бил исполнет“, вели капитенот на Металург, Наумче Мојсовски.

Вардар е исто така блиску до обезбедување место меѓу 16-те екипи, кои ќе го продолжат патот во Лигата на шампионите:

„Клучот на нокаут фазата е во наши раце. Во последните две кола во Скопје ќе ни гостуваат Динамо Минск и Тун. Не би смееле да ја пропуштиме оваа шанса да останеме во Европа“, заклучува Филип Лазаров.