1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рајс ќе изврши притисок врз Бакојани

25 септември 2008

Грчките медиуми јавуваат дека шефот на дипломатијата Дора Бакојани ќе биде под голем притисок на денешната средба со американската колешка Кондолиза Рајс да го прифати последниот пакет за решавање на спорот за името

https://p.dw.com/p/FOaa
Дора БакојаниФотографија: AP

Се очекува на средбата во Њујорк, шефицата на Стејт департментот Кондолиза Рајс на Бакојани да и ја изнесе намерата на САД за брзо приклучување на Македонија во НАТО- јави денеска грчката агенција АНА-МПА. Рајс најверојатно ќе ги отвори прашањата за грчката енергетска соработка со Русија како и вољата на Вашингтон за вклучување на Грција во безвизниот режим,во замена за поголема флексибилност во политиката на Атина -истакнуваат дипломати кои ги цитира оваа агенција.

И грчкиот весник Етнос денеска пишува дека администрацијата на Џорџ Буш се обидува да го исцрта патот за спорот со името, така што ќе биде постигнат напредок на новата средба, која ќе се случи за две недели во Женева, меѓу специјалниот посредник на ООН, Метју Нимиц, и преговарачите на двете земји. За притисокот сведочат и средбите што деновиве се одвиваат во Њујорк особено денешната Рајс-Бакојани- се вели во текстот на Етнос.

Инаку медијаторот Нимиц синоќа најави конкретен предлог за решение на спорот , за околу десетина дена. Тој во Њујорк водеше одвоени разговори со Бакојани и со македонскиот претседател Бранко Црвенковски.

Македонија сеуште не ги усогласила своите позиции

По средбата Црвенковски истакна дека ги слушнал позициите на посредникот Нимиц, но за детали не разговарале. Тој му пренел на медијаторот, дека Македонија сеуште не ги усогласила своите позиции за последниот сет на идеи, предложен пред десетина дена. Претседателот Црвенковски изрази надеж дека на наредната средба со преговарачите во спорот, што треба да се оддржи на почетокот на окотмври, ќе се има појасна слика.

Во однос на барањата на премиерот Никола Груевски, претседателот да го реши спорот со името во Њујорк, Црвенковски го повика премиерот да се однесува посериозно за едно од најважните прашања во Македонија „Се надевам, поточно речено убеден сум, дека после моето враќање во Скопје таква средба ќе се организира, и дека на таа средба амбасадорот Димитров ќе дојде со јасни инструкции и позиции, околу последните предлози дадени од страна на амбасадорот Нимиц.“ рече Црвенковски.

Нимиц: нема разлика во ставовите на претседателот и владата

По средбата со македонскиот претседател, посредникот Нимиц изјави, дека не гледа разлика меѓу ставовите на владата и претседателот на Македонија за името, и дека тоа не е пречка за преговорите. Најави дека за десетина дена на средба со преговарачите ќе ги добие официјалните ставови на двете земји, по што најверојатно ќе може да даде и конкретен предлог. Тој на претседателот му ги пренел и грчките реакции, според кои неговите последни идеи се повеќе на македонска страна.

Согласно мандатот од ОН, Нимиц изјави и дека преговорите нема да решаваат за етнички или историски прашања, туку за државјанството, објаснувајќи го тоа со примерот во САД, каде сите се државјани на Америка. Не се соочуваме со етнички и историски ентитети, се соочуваме со име на држава и со придавки во однос на државата. Во преговарачкиот процес не работиме со народни или лични идентитети, изјави Нимиц. Сепак тој не прецизираше, дали остава можност, евентуалното ново име со додавка да влијае на начинот како ќе се нарекува македонската нација и јазикот.

Едно име за сите употреби, приоритет за Грција

По средбата со Нимиц, грчката страна најави, дека конкретните ставови за новиот предлог ќе бидат дадени по новата средба на преговарачите. Имав долги разговори со господинот Нимиц, водевме дискусија исклучително значајна и полезна. Имавме можност да ги разгледаме преговорите во целина, дискутиравме за различни теми од интерес, изјави Дора Бакојани.

За Грција останува приоритет да добие едно име за сите употреби, вклучувајќи ги и 124-те земји што ја признаа Македонија под уставното име.