Рашковски: Битна е умешноста на менаџирањето
8 ноември 2019Многу нешта останаа нејасни по брифингот на Генералниот секретар во Владата Драги Рашковски, околу постапката за избор на најповолна понуда за јавно приватно партнерство за формирање на современа организација на хеликоптерски итен медицински систем во земјава (ХЕМС) и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување (САР). По одлуката на Владата да ја прифати информацијата на Генералниот секретаријат, според која, за избор на приватен партнер за оваа дејност се утврдува САРХЕМС ДООЕЛ Скопје, која е компанија на SHC Swedish Helicopter Consortium AB, регистрирана во Шведска, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта за грабеж тежок 72 милиони евра. Рашковски тврди дека овој договор нема да ја чини државата „ни денар“.
Договорот треба да биде потпишан најдоцна за 30 дена од донесувањето на одлуката за прифаќање на јавно приватно партнерство во таа дејност. Согласно со критериумите на повикот, САРХЕМС ДООЕЛ Скопје најдоцна за шест месеци по потпишување на договорот треба да стави на располагање два хеликоптера опремени за давање медицински услуги за прва помош и за пребарување и спасување бесплатно за граѓаните на Северна Македонија. Тие најмногу за 15 минути треба да бидат на местото каде што треба да биде извршена интервенцијата. Обврска на приватниот партнер е во рок од 6 месеци да изгради 8 сертифицирани хелиодроми во 8 градови во земјата, а Владата за таа намена да отстапи државно земјиште на времено користење.
„Освен што државата овој договор нема да ја чини ни денар, двата хеликоптера, хелиодромите и другата опрема за извршување на оваа дејност, по истекот на договорот во рок од 8 години остануваат во сопственост на Република Северна Македонија“, изјави Рашковски.
Партнерот сам си го наоѓа економскиот интерес
Каков е економскиот интерес на приватниот партнер, ако обврските на државата за реализација на тој договор се „нула денари" - го прашавме Рашковски.
„Економскиот интерес е нешто кое самата компанија е потребно да си го најде и секако дека го нашла штом се одлучила да аплицира. Праксата вели дека ваквиот тип на услуги се наплаќаат преку договори со осигурителни компании. На осигурителните компании им е полесно да платат одредена такса и нивните осигуреници да имаат таков вид на помош во таа држава, отколку да плаќаат скапи поединечни ангажмани на хеликоптерски услуги на договорна база. Друг начин на наплата, е компаниите да го вметнуваат осигурувањето во зелените картони на автомобилите и во таков случај исто заштедуваат средства. Впрочем, ова е многу слично како со услугите кои се` почесто ги плаќаме кога осигуруваме и регистрираме автомобил - плаќаме одреден надоместок и имаме на располагање шлеп-служба насекаде во Европа“, објаснува Рашковски.
Според него, тоа е вообичаена и утврдена пракса во земјите со САР и ХЕМС сервиси.
На прашањето - дали државното учество во договорот може да се мери со „нула денари“, ако на приватниот партнер му се ставаат на располагање полигон и домашни кадровски ресурси, Рашковски е дециден: „Не се ставаат на располагање ниту човечки потенцијал, ниту Центарот за обука на пилоти".
Дополнително, додека трае договорот, компанијата САРХЕМС ДООЕЛ Скопје има обврска да плаќа во македонскиот буџет надомест за стекнатото партнерство за обавување на таа дејност во висина од 10.000 евра годишно.
Без трошоци расчистен експлозивен материјал
Иако звучи неверојатно, Рашковски вели дека со успешно менаџирање многу нешта може да се направат без трошоци за буџетот. Како таков пример го посочува и она што беше реализирано пред неколку дена - отстранување на застареното гориво за градобијни рекети и експлозивен материјал лоцирани во скопско, меѓу Ново Село и Волково, кои беа опасност за животната средина, безбедноста и за здравјето на граѓаните.
„Благодарение на совесното работење, под координација на Генералниот секретар 17 тони експлозив беа систематизирани, ставени во дрвени сандаци, одделени од другиот вид на материјал и ставени на проценка. Бирото за судски вештачења утврди дека станува збор за неупотреблив материјал кој претставува опасност. За да биде уништен ваквиот материјал, компании кои се бават со тоа, првично доставија понуди од 850.000 до 1.200.000 евра. Но умешноста на менаџирањето е да направите тоа да биде презентирано како материјал кој може да се продаде, и така и беше направено. На објавената продажба се јави компанијата ‘Трајал' (од Србија- н.з.) која го купи ваквиот материјал и тој беше изнесен од државата. Петнаесет години никој со прст не мрднал за 17 тони експлозив во Скопје да бидат отстранети како опасност. Сега истото се направи за нула денари и плус се инкасираше мала сума во буџетот. Да беа нечесни намерите, ќе објавевме тендер за уништување и ќе платевме огромна сума на пари“, вели Рашковски.
Најавува и други проекти во кои нема да се трошат пари од буџетот или ќе бидат димензионирани на најниски суми.
„Линданот во Охис 42 години стои нечепнат. Годинава, од 6,5 милиони евра колку што е потребно за чистење на малата депонија, со добро менаџирање успеавме да распишеме тендер и државата партиципира само со 1 милион. Го решаваме проблемот и со големата депонија со линдан и во 2020 година ке биде објавен тендер и за неа. Работиме како Генерален секретаријат на можност да воспоставиме и систем на track and tracing на акцизни стоки за сите видови на трговија и производство. Намерата ќе биде ваквиот систем да нема буџетски импликации“, најавува Рашковски.