1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рација против поддржувачите на Хезболах во Германија

АТ/ афп/дпа/кна8 април 2014

По забраната на „Проектот за децата сираци на Либан“ полицијата изврши претрес во просториите на здружението ширум Германија. Не без причина: оти донациите кои биле наменети за деца, завршувале кај борците на Хезболах.

https://p.dw.com/p/1Bdul
Фотографија: Mahmoud Zayyat/AFP/Getty Images

Германската полиција спроведе рација ширум целата земја со цел спроведување на забрана за здружението „Проект за децата сираци на Либан“, кое собирало донации за радикално- исламистичкиот Хезболах во Либан (на насловната фотографија е прикажана парада на борците на Хезболах во Либан). Околу 150 полицајци во шест покраини извршија претрес во приватни простории и во просториите на здружението со седиште во Есен. Полицијата притоа конфискуваше доказен материјал, соопшти Министерството за внатрешни работи.

„Насочено против правото на постоење на Израел“

Министерот за внатрешни работи Томас де Мезие претходно го забрани здружението. „Организации, кои непосредно или посредно од германска територија се насочени против правото на постоење на државата Израел, не може да се повикуваат на слободата за здруженијата“, образложи министерот.

„Името на здружението ја прикрива целта“, изјави државниот секретар за внатрешни работи Емили Хабер во Берлин. Ова здружение во изминатите години собрало повеќе милиони евра донации за либанската фондација Шахид, која била интегрален составен дел од Хезболах. Целта на оваа фондација била насочена „на агресивен начин“ против идеите за разбирање меѓу народите. Под плаштот, помош за деца сираци тие се обидувале да регрутираат нови борци кои „ќе се борат против државата Израел со примена на терористички средства“, се вели од Министерството за внатрешни работи.

Пари, компјутер, документи

Според информации од Министерството за внатрешни работи здружението уште од 2009 година било надгледувано од истражните органи. Меѓу 2007 и 2013 година преку „Проектот за децата сираци“ се влеале речиси 3,3 милиони евра во фондацијата Шахид во Либан. При рацијата биле конфискувани симболи на Хезболах, пари, компјутер и околу 40 кутии документи. Претресот бил извршен во 19 објекти. Здружението имало околу 80 членови.

Шиитските милиции Хезболах, кои ги поддржува Иран со децении од Либан се борат против Израел. Хезболах учествува и во други конфликти. Во моментов милииците во сириската граѓанска војна ги поддржуваат трупите на претседателот Башар ел Асад против бунтовниците. Военото крило на Хезболах се смета за одговорно за голем број бомбашки напади и киднапирања. Хезболах, предводена од Хасан Насрала во Либан дејствува и како политичка партија.