1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Растежот и падот на Милошевиќ

12 март 2006

Бившиот југословенски претседател Слободан Милошевиќ вчера беше најден мртов во неговата келија во затворот во Шевенинген. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер починатиот Милошевиќ го оцени како човек на минатото. Меѓутоа, последиците од неговата политика до денес се чувствуваат, вели Штајнмајер.

https://p.dw.com/p/AcTT
Слободан Милошевиќ:кариера полна со противречности
Слободан Милошевиќ:кариера полна со противречностиФотографија: AP

Животната сторија на Слободан Милошевиќ е полна со спротивности и противречности.

Роден на 20 август 1941 година во малиот српски град Пожаревац. Татко му беше свештеник на православната црква и учител по веронаука. Го напушти семејството и во 1962 година изврши самоубиство. Десет години подоцна животот си го одзеде и неговата мајка.

Слободан Милошевиќ стапи во Сојузот на комунистите во 1959 година. Студираше право во Белград, и веќе на универзитетот беше политички активен. По завршувањето на студиите вршеше важни функции во моќни државни фирми. Во 1984 година го направи првиот важен чекор кон политичка кариера и стана партиски секретар на Белград. Само две години подоцна во мај 1986 амбициозниот политичар ја презеде функцијата шеф на партијата на Србија што беше важен скок на патот нагоре по што му успеа и следниот успон кон власта. Во 1987 година стана претседател на тогаш се уште југословенската република Србија.

Паралелно со политичкиот напредок течеше и неговата промена од примерен комунист кон опортунистички популист и националист. Го разбуди српскиот национализам и го користеше безмилосно за сопствени цели. Милошевиќ бескомпромисно беше против стремежите за независност на југословенските републики Словенија, Хрватска и подоцна Босна и Херцеговина. Со нивните декларации за независност југословенската криза влезе во отворена војна во која Милошевиќ играше решавачка улога. Тој направи се југослвенската армија јасно да застане на страната на Србија во Хрватска и Босна и Херцеговина. За да ја ослободи од санкции Југославија во која останаа само Србија и Црна Гора, тој се дистанцираше од босанските Срби што ги поддржуваше воено, економски и политички. Во август 1994 година дури сосема ги прекина односите со нив и беше ослободен од економските санкции. Дури повторно можеше да се презентира како партнер за преговори со меѓународната заедница, па го потпиша и мировниот договор од Дејтон со кој заврши босанската војна. Посебно кататсрофална беше неговата политика на Косово. Армијата и полицијата на Милошевиќ веќе во почетокот на 1998 година водеа војна со ОВК. По неуспешните преговори, дојде до воздушни напади на НАТО врз Југославија. На 27 мај 1999 година Меѓународниот трибунал за злосторства во бивша Југославија покрена обвинение против него и издаде наредба за апсење на Милошевиќ. Во таа година меѓународно изолираната Југославија се наоѓаше пред многу сериозни економски проблеми. Дојде до голем број убиства на луѓе од околината на Милошевиќ кои главно остануваа неразјаснети. Сепак тој се уште беше на власт. На претседателските избори во 2000-та на Демократската опозиција на Србија со кандидатот Воислав Коштуница и успеа да победи. Милошевиќ не сакаше да го признае поразот, па дури по масовните демонстрации во Белград, се повлече. Со тоа започна последното поглавје на неговиот политички живот. На 1 април 2001 беше уапсен од страна на српската полиција, а во ноќта меѓу 28 и 29 јуни му беше предаден на трибуналот во Хаг. На првото сослушување тој го оцени судот како лажен и остана со тоа мислење се до смртта во затворската келија.