1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе биде одлучувачкиот фактор на изборите во Германија?

Мара Бирбах
18 февруари 2017

Анкета за јавно мислење покажува раст на поддршката за германските социјалдемократи откако Мартин Шулц ја објави кандидатурата за канцелар на Германија. Истовремено, конзервативците на Меркел ја губат подддршката.

https://p.dw.com/p/2XY5L
SPD Kanzlerkandidat Martin Schulz
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Дали избирачите кои на минатите избори не излегле на гласање, а ќе го сторат тоа на следните може да биде одлучувачки фактор на претстојните сојузни парламентарни избори во Германија, сугерираат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од германскиот весник Билд.

Од избирачите кои на изборите во 2013 не излегле на гласање, според податоците на Билд, секој петти планира да ја поддржи Социјалдемократската партија (СПД), а конзервативната унија ЦДУ/ЦСУ планира да ја поддржи секој десетти избирач.

Резултатите од истражувањето на јавното мислење доаѓаат во време кога поддршката за СПД бележи раст по објавувањето на кандидатурата за канцелар на Германија на поранешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц.

На изборите во септември,Шулц ќе се соочи со актуелниот канцелар на Германија - Ангела Меркел, кандидат на ЦДУ/ЦСУ.

Подолго време Меркел беше најпопуларен политичар во Германија, но од неодамна, таа се соочува со голем број на критики поради нејзината политика кон бегалците, дел од кои, доаѓаат од адресата на нејзината партија.

Најдобри резултати за СПД во последните години

Друго истражување на јавното мислење објавено од Билд предвидува дека СПД ќе добијат 32 отсто поддршка на изборите во септември, додека ЦДУ/ЦСУ ќе добие 33%, што би биле најдобри резултати за социјалдемократите во однос на конзервативците во последните години.

Berlin Bundespräsidentenwahl Merkel Schulz
Ангела Меркел и Мартин ШулцФотографија: picture-alliance/dpa/G. Fischer

„Откако Мартин Шулц ја објави кандидатурата за канацелар на Германија, бројот на избирачи кои не излегле на гласање на изборите во 2013 година и кои сега планираат да гласаат за СПД се зголеми за 70% во последните 14 денови“ објави Билд. Бројот на луѓето кои претходно не излегле на гласање, а сега планираат да гласат за ЦДУ/ЦСУ се намалил за 30 проценти.

Националистичката Алтернатива за Германија (АФД) – која успеа да мотивира најголем број на избирачи кои претходно не излегле на гласање да дојдат на избирачките места на неколку покраински избори минатата година исто така изгуби значителен дел од поддршката.

Веројатна е коалиција

Во новиот состав на Бундестагот се очекува да влезат шест политички партии. Доколку ниту една партија не обезбеди мнозинство – исход кој се смета за веројатен – две или повеќе партии ќе треба да формираат коалициска влада.

Двете најголеми партии СПД и ЦДУ/ЦСУ најавија дека ќе ја водат наредната влада. Се очекува да водат кампања „едни против други", иако сега заедно ја водат германската федерална влада во т.н. „голема коалиција“.

Четири други партии моментално имаат поддршка поголема од 5%, колку што изнесува минималниот праг на гласови кој треба да го освојат партиите за да влезат во составот на парламентот.

Според Билд, се очекува АФД да освои 10% од гласовите, партијата Левица да освои 8%, Зелените 7% и ФПД 6%.