1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Гужва и турканици за вакцинација без термин

ДТЗ
12 јули 2021

Вакцинирањето на децата ќе започне в петок, откако родителите претходно ќе ги пријават онлајн. Ќе можат да се вакцинираат и децата кои немаат здравствено осигурување или матичен лекар.

https://p.dw.com/p/3wNVl
Nord Mazedonien Corona Impfung ohne Termin in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Гужви, нервоза и турканици на првиот ден од отворањето на пунктовите за масовна вакцинација на населението без закажан термин. Македонските граѓани поитаа да ја искористат шансата да се вакцинираат, по апелите на надлежните дека тоа е неопходно за заштита на здравјето од мутациите и новите соеви на Ковид-19. Но, наидоа на редици пред скопските поликлинки, каде гужвите на стивнуваат во текот на целиот ден. Во ред за вакцина се чекаше и по неколку часа. Во „Јане Сандански“ поради големите гужви, превентивно се испратени и полициски  екипи. 

-повеќе на темата: Колективен имунитет кај 85 отсто од населението ќе не спаси од Делта мутацијата

Министерот за здравство, Венко Филипче, потврди дека е голем интересот за вакцинација без закажан термин. Според него, во неколку пунктови е регистрирана гужва во утринските часови, бидејќи најверојатно граѓаните сакаат да се вакцинираат додека е поладно. „Мислам дека е добар систем да продолжиме без закажување, за да биде што поголем интересот и пристапот со цел граѓаните во кој било дел од денот да дојдат и да не бидат вратени да се вакцинираат. Ќе разговарам со директорите од сите здравствени домови да видам како да се организира редот“, рече Филипче. 

Nord Mazedonien Corona Impfung ohne Termin in Skopje
Голем интересот за вакцинација без закажан термин во Скопје.Фотографија: Petr Stojanovski

Во Скопје вакцинирање без закажан тремин има во Поликлиниките Јане Сандански, Букурешт и Чаир, како и во новоотворениот вакцинален пункт во Поликлиниката во Шуто Оризари. Во спортските сали се врши масовна ревакцинација.  

Прво закажување, па вакцинација на деца

Во меѓувреме започна и теренска вакцинација против Ковид-19. Процесот е организиран од здравствените домови од секој град, а ќе се одвива без прекин со веќе направен распоред. Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека нема да се оди само еднаш во некое оддалечено населено место, со што значајно се олеснува пристапот на сите граѓани кои сакаат да се вакцинираат.  

-повеќе на темата: Колку дози на вакцина се потребни за да нѐ заштити од Ковид-19?

Тој најави дека вакцинацијата на децата ќе започне од петок, а дотогаш родителите ќе треба да ги пријават онлајн. Од денеска до четврток ќе биде отворен сајтот vakcinacija.mk за закажување на термини за вакцинација на децата. Секој родител или старател кој сака да се вакцинира неговото дете ќе треба да го пријави на веб страницата, по што ќе добие термин за вакцинација. 

Nord Mazedonien Corona Impfung ohne Termin in Skopje
Редици пред скопските поликлинки, каде гужвите на стивнуваат во текот на целиот ден.Фотографија: Petr Stojanovski


„Во системот Мој Термин веќе се регистрираат малолетни лица (деца од 12-16 години) кои сакаат да се вакцинираат. Родителите или старателите доколку наидат на потешкотии при пријавување на своето дете, да го проверат статусот на евидентирање на децата, односно дали истите се осигуреници во базата на Фондот за здравствено осигурување“, велат надлежните. Оние деца кои немаат здравствено осигурување, или немаат одбрано матичен лекар, исто така ќе може да се вакцинираат, а информации за термините ќе може да добијат директно на вакциналните пунктови каде ќе се одвива вакцинација на деца.