Расплет на случајот Политковскаја?
24 август 2011Случајот Политковскаја стана синоним за прогонот на критички настроените новинари во Русија. Ана Политковскаја беше ладнокрвно застрелана на 7. октомври 2006 година во влезот од зградата во која живееше во Москва. Таа важеше за остар критичар на тогашниот руски претседател и актуелен премиер Владимир Путин. Во своите извештаи таа се осврнуваше на повредите на човековите права во војната во Чеченија. Освен тоа, пишуваше за нарачани убиства, измачувања и киднапирања во конфликтниот регион Северeн Кавказ. Сега е уапсен еден од главните организатори на нејзината ликвидација.
Поранешниот полицаец Дмитри П. го примил налогот за убиство на тогаш 48-годишната новинарка, истакна портпарол на руската истрага, Владимир Маркин, синоќа (23.08.) во Москва. Се` уште не се знае кој му го дал налогот на Дмитри. Тој му ги предал парите на осомничениот убиец Рустам Махмудов, а освен тоа го снабдил и со пиштол и пригушувач. Махмудов беше уапсен овој мај во Чеченија. Тој стои под сомнение дека ја убил Политковскаја, откако претходно три дена ја шпионирал.
Адвокатката на семејството на Политковскаја, Ана Ставитскаја, говори за „пресврт“ во истрагата. Околу уапсениот организатор на убиството вели дека одамна постоеле сомневања дека е вмешан. Државното обвинителство неколку години сметало дека нема основа за негово апсење, поради недостаток од информации. Тоа сега може да се промени и Дмитри П. најверојатно ќе биде изнесен пред суд. „Сите што се вмешани во убиството на Политковскаја ќе мора да одговараат за своите постапки“, истакна адвокатката Ставитскаја.
Осомничениот полицаец вторпат пред суд
Во првото судење околу убиството на Политковскаја во 2008 година поранешниот полицаец Дмитри П. се појави во улога на сведок на државното обвинителство, потсетува новинарката Надежда Прусенкова од весникот „Новаја Газета“, еден од ретките независни, критички настроени весници во Русија, за кој работеше и убиената Политковскаја. „Тогаш тој изјави дека за убиството дознал од обвинетиот. Но, сега истражните лица имаат причина да веруваат дека тој самиот бил соучесник во убиството“, нагласува Прусенкова.
Првиот судски процес заврши со ослободување на двајца браќа на осомничениот убиец Махмудов и еден поранешен полицаец, поради недостиг на докази. Меѓутоа, највисоката судска инстанца во Русија ја укина пресудата. Во обновената истрага, двајцата чеченски браќа повторно се обвинети. Сепак, работата на државните истражни органи постојано наидува на остра меѓународна критика, поради впечатокот дека кај нив не постои доволно интерес за расветлување на случајот.
Автор: ТТ/AT/афп, дпа, ројтерс
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска