Рамазан - профитабилен месец за милитантите
22 јули 2014Теолошки, Рамазан е пред сѐ откажување. Ги учи муслиманите да бидат воздржани, да се држат настрана од злото, да постат преку ден и да им донираат на сиромашните. “Закат“ е исламска традиција во која муслиманите им даваат дел од својата заработка на оние во неволја, особено за време на светиот месец.
Поради недостиг на доверба во државните институции, повеќето Пакистанци претпочитаат да донираат директно во приватни добротворни организации. Иако бројни легитимни добротворни организации вршат извонредна работа во Исламската република, екстремистичките групи успеваат да присвојат милиони од Пакистанците за време на Рамазан.
Набљудувачите велат дека забранетите милитантни организации поврзани со Ал Каеда и пакистанските талибанци се многу активни за време на светиот месец и се обидуваат да добијат донации од поединци. Овие групи работат под различни имиња и формираат фондации, кои на прв поглед делуваат легални, за да собираат донации.
Државна поддршка за милитантите
Аршад Махмуд, социјален активист од Исламабад, вели дека и покрај забраната од владата, милитантните организации имаат голема поддршка во земјата, па оттука се во можност и да собираат големи донации. Забранетите милитантни организации во јавноста се одржуваат преку добротворните организации. Забраната не ги тангира нивната структура и нивната мрежа во општеството. Ниту една нерелигиозна добротворна организација не може да се натпреварува со овие групи, затоа што луѓето сакаат да донираат во верски тела“, вели Махмуд за ДВ.
Дополнителен проблем е што пакистанската влада им дозволува на дел од радикалните исламистички групи непречено да агитираат и да функционираат во државата. Аналитичарите велат дека пакистанската држава ги смета овие групи за стратешки алатки во обидот да се задржи притисокот врз соседна Индија. Њу Делхи го обвинува Исламабад дека ги помага исламските бунтови во индискиот дел на Кашмир, токму преку овие групи, но Пакистан негира.
Радикали за пазарење со Западот
По еден од основачите на радикалната Лашкар е Таиба, пакистанскиот свештеник Хафиз Саед, на пример, САД распишаа потерница во вредност од 10 милиони долари во 2012. Но, тој слободно шета низ Пакистан како добротворен активист, и дури добива и целосна заштита од пакистанската армија и разузнавање. Безбедносниот аналитичар Али К. Чишти вели дека за Пакистан е опасно тоа што дозволува вакви групи слободно да функционираат на неговата територија. „Знам од мојата комуникација со воените генерали и со разузнавачите дека Пакистан ги користи овие групи за да се пазари со Западот“.
Новинарот од Исламабад, Абдул Ага, вели дека џихадистичките организации во Пакистан најчесто добиваат пари или од арапските држави или од лажни добротворни организации. „Зборуваме за огромни количини пари, кои им се потребни на милитантите во Пакистан и Авганистан за да ги одржуваат бунтовите. Кога Исламабад не е во можност директно да ги финансира овие организации, им овозможува да се финансираат преку мрежа на добротворни организации кои генерираат доволно средства“, вели Ага.