1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разликите во визиите на Меркел и Макрон за Европа

Даниел Хајнрих
6 јуни 2018

Германската канцеларка реагираше на реформските предлози за ЕУ на францускиот претседател Емануел Макрон. За двете гледишта ќе се разговара на самитот на ЕУ. Кои се најважните преклопувања и разлики меѓу двајцата?

https://p.dw.com/p/2yx9x
Symbolbild Flagge EU Erosion
Фотографија: Imago/R. Peters

Бегалска и миграциска политика

Во поглед на бегалската криза, Меркел и Макрон се согласни дека е потребно поврзување на системите за податоци на државите-членки на ЕУ и интензивирање на соработката со земјите на потекло. Како посебно важно се налага подобрувањето на шансите за иднината на младите луѓе во овие земји, особено во Африка. Се планира „Маршалов план“ за африканскиот континент, а потесно вклучени треба да бидат и државите-директни соседи и транзитните земји.

Исто како и францускиот претседател,  и германската канцеларка бара единствен систем на азил во еврозоната. Предусловите за тоа кој може да добие азил, а кој не, мора да бидат слични. Граничната агенција на ЕУ, Фронтекс од аспект на двајцата мора масивно да биде засилена и трансформирана во ефикасна гранична полиција. Долгорочно, треба да биде формирана заедничка европска Служба за бегалци, а Фронтекс во иднина треба да биде во состојба да спроведува различни постапки во областа на доделувањето азил. Целта на Меркел и Макрон е јасна: наместо масовна илегална миграција, во иднина треба да бидат зајакнати легалните пристапни патишта кон Европа.

Jordanien Flüchtlingslager Zaatari
Меркел и Макрон планираат поголема соработка со земјите од каде доаѓаат бегалциФотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrcenka

Реформирање на ЕУ-комесаријатите

Канцеларката и францускиот претседател во ова прашање следат заедничка цел: ограничување на моќта на еврокомесарите. Додека Макрон радо би го преполовил бројот на еврокомесарите, Меркел бара „помалку комесари отколку досега“, притоа земајќи ги предвид и неповолностите за Германија и Франција. Таа навестува и евентуална ротација на функциите, при која и водечките земји во ЕУ ќе мораат да се воздржат од „свој комесар“ во секој момент.

Разлика постои и кај изборот на претседател на ЕК: канцеларката се залага за истакнување кандидатски листи со предводнички кандидати во целата ЕК на европските избори. Со тоа би се постигнала независност на кандидатурата, наместо сегашното номинирање од страна на владите на одделни земји. Францускиот претседател е скептичен кон оваа идеја. 

Повеќе: 

Дали е Емануел Макрон спасителот на ЕУ?

На повидок ЕУ со две брзини

Надворешна и одбранбена политика

Во овој поглед мислењата на двајцата државници се разијдуваат. Ангела Меркел и натаму се залага за едно седиште на ЕУ во Советот за безбедност на ОН. Дополнително, покрај ова тело во Њујорк, таа би сакала и формирање независен „Европски совет за безбедност“, кој според нејзината идеја, би се состоел од одделни ЕУ-членки со ротирачки принцип. Меркел на ваков начин пледира за поактивна надворешнополитичка улога на ЕУ. Макрон ги отфрла двете идеи. Меркел пак не го прифаќа целосно предлогот на Макрон за постоење ЕУ-трупи за брза интервенција. Таа генерално е за ЕУ-армија, но за разлика од Макрон, инсистира оваа борбена единица да делува во рамките на ЕУ-структурите. Емануел Макрон пак е убеден дека составен дел на единицата за брзи интервенции треба да биде меѓу другото и Велика Британија, која во 2019. година ја напушта ЕУ.

Deutschland Französischer Präsident Emmanuel Macron in Berlin
Ангела Меркел и Емануел Макрон - сличности и разлики во ЕУ-визиитеФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Sohn

Реорганизација на еврозоната

Кога станува збор за парите, пријателството завршува. Тоа важи и за реформата на монетарната унија. Идеите на германската канцеларка и на францускиот претседател далеку се разијдуваат. Предлогот на Ангела Меркел за формирање на Европски монетарен фонд, како носечки столб на монетарната унија на исто рамниште со Европската комисија, ќе значи решавачко слабеење на ЕК. Меркел предвидува ЕМФ да ги помага земјите-членки со кредити во случај на кризи. За возврат, новата институција треба да има надзор над буџетите на државите-членки. Канцеларката натаму предлага „инвестициски буџет“, кој би се грижел за порамномерен економски развој на земјите во еврозоната. Од друга страна, средствата од овој фонд би требало да се користат за технички и научни иновации, а буџетот би требало да се движи во долниот дел на двоцифрена износ во милијарди“, предлага Меркел, без да прецизира од каде ќе се обезбедуваат парите и дали станува збор за дел од вкупниот ЕУ-буџет. 

Различно од Меркел, Макрон инсистира на заеднички буџет на еврозоната. Заради јакнење на еврото и „вооружување“ против економски кризи, францускиот претседател протежира издвојување повеќе пари во буџетот отколку досега. Макрон зборува за „повеќе“ процентни поени од брутодомашниот производ. Актуелниот ЕУ-буџет се полни по принципот - по еден процент од економскиот учинок на сите ЕУ-членки. За да се обезбедат пари, Макрон предлага воведување општ европски корпоративен данок. Меркел не се изјасни во поглед на корпоративен данок, но стреми кон уплаќање повисок процент од националните буџети во Брисел. Преку економскиот пораст, германскиот придонес во секој случај се зголемува и без тоа.