1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разговорите меѓу Џорџ Буш и Владимир Путин започнаа во релаксирана атмосфера

2 јули 2007

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров извести дека разговорите меѓу двајцата претседатели, од кои светот толку многу очекува, биле водени многу конкретно и проткаено со хумор.

https://p.dw.com/p/B8xp
Буш и Путин неодамна на самитот на Г8 во Хајлигендам, ГерманијаФотографија: AP

Двајцата претседатели постигнале “редица спогодби”, соопшти Лавров не наведувајќи никакви подробности. За клучните теми, кои се и предмет на најновиот американско-руски спор – планираната американска антиракетна одбрана и прашањето за статусот на Косово, тие ќе разговараат денеска. За време на вечерата Буш и Путин си ветиле дека независно од најновата затегнатост и иритации, ќе го сочуваат позитивното во односите на двете држави. “Во тоа се обете страни уверени” – изјави Сергеј Прихотко, надворешно-политички советник на Путин, пренесува агенцијата Интерфакс.

Буш бара подршка од Путин за заострување на меѓународните санкции против Иран. Разговорите биле водени во мал круг, без преведувачи и без претходно утврден дневен ред.

Во предвечерјето на средбата од обете страни беше предупредено за средбата да не се врзуваат преголеми очекувања. Многумина во Америка оценуваат дека фактот што Буш го прими Путин во летната резиденција на неговите родители во местото Кенебанкпорт во сојузната држава Мејн, укажува оти Америка навистина настојува на подобрување на односите со Русија. Мајкл Мекфол, професор по политички науки на универзитетот Стенфорд, се согласува со тоа: “Мислам дека кога двајцата претседатели ќе се состанат, главна тема ќе биде ублажувањето на реториката. Путин пред само неколку недели ги спореди САД со нацистичка Германија. Тоа не е во полза ни на руските, како ни на американските интереси, така што според мое мислење само ублажувањето на реториката ќе биде главна цел на средбата. Не очекувам некој голем напредок кога се во прашање конкретни теми” – оцени Мекфол.

Во изминатите месеци Путин повеќепати го критикуваше американското раководство дека води “империјалистичка политика”. Во спорот околу нератификувањето на Договорот за конвенционалните воени сили во Европа од страна на државите на НАТО, тој повеќепати се закани дека руските ракети ќе ги насочи кон нови цели во Европа.

Рускиот претседател е прв странски гостин кој е поканет во летната резиденција на родителите на Џорџ Буш на брегот на Атлантикот. Вчера двајцата претседатели, заедно со таткото на Џорџ Буш, исто така поранешен американски претседател, биле на риболов во Атлантскиот океан. Денеска по разговорите за жешките теми, средбата завршува со заеднички ручек.