1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разговорите за името малку ќе ја одложат реконструкцијата?

18 април 2018

До крајот на април ќе завршат разговорите за проширување на парламентарното мнозинство. Кадровските промени чекаат следна фаза. Извори од ДУИ тврдат дека приоритет е решавање на спорот за името, а не реконструкција.

https://p.dw.com/p/2wEMo
Mazedonien Regierungssitzung
Фотографија: Mazedonien Regierung

Изјавата на премиерот Заев дека до крајот на април ќе има реконструкција на Владата, е модифицирана со најава дека до крајот на месецот треба да завршат разговорите за проширување на парламентарното мнозинство. 

„Не сме дошле до таму. Јас реков дека до крајот на месецов ќе разговараме за зголемување на парламентарното мнозинство. Ред е прво да видиме за колку ќе порасне и ако порасне тоа парламентарно мозинство. Согласно со тоа, како следна фаза би биле комбинитариките околу кадровските и персоналните решенија. Навистина сѐ уште е рано за тоа“, изјави премиерот Заев.

Десетина дена претходно, тој најавуваше реконструкција на Владата до крајот на април. 

„Разговараме веќе за одредени кадри. Јас почнав разговори веќе со политички партии и со пратеници во самиот парламент. Верувам дека согласно со квалитетот на кадарите ќе бидат и назначени самите луѓе. Заради тоа и веднаш не излегувам со ново решение за министер за правда. Сакам да го искористам просторот на преговорите околу реконструкцијата на Владата и нејзиното зајакнување, па во целиот овој пакет ќе го пополниме и испразнетото место во Министерството за правда, а секако ќе настапиме и со другите кадровски решенија (...) Дел од реконструкцијата ќе значи пополнување на позициите, а дел и промена. Очекувам до крајот на април Собранието да ги поддржи нашите нови решенија“, рече Заев пред десетина дена.

Тој најави дека под лупа се резултатите на министрите, директорите и замениците-министри.

„Ако не е ништо подобрено, тоа не значи дека комплетно ќе им се заблагодариме за нивните услуги, туку можеби ќе ги поставиме на други позиции каде ќе цениме дека ќе можат подобро да одговорат на барањата. Секогаш ќе ги уважуваме капацитетот, експертизата на личноста и впечатокот кој го оставаат во јавноста“, образложи Заев.

Mazedonien Regierungssitzung
Премиерот Заев ја модифицираше својата изјава за реконструкцијата на ВладатаФотографија: Mazedonien Regierung

Реконструкцијата може да почека

Но, тој чекор најверојатно ќе биде пролонгиран. Функционери на ДУИ за Дојче веле тврдат дека „е рано за реконструкција“.

„Сега не е најсоодветно време за тоа. По препораката од ЕК земјава ја чекаат сериозни обврски од кои зависи клучниот епилог - да добие датум за преговори. Тоа значи дека во претстојниот период ќе има интензивни разговори за решавање на спорот за името, со цел до крајот на мај да се дојде до решение. Од тој аспект, не е добро да се прави реконструкција во таков политички сензитивен период, кога сите напори и ресурси треба да бидат фокусирани во оваа насока. Реконструкцијата може да почека кон крајот на мај или во јуни. Сега ќе се разговара за проширување на парламентарното мнозинство“, велат од ДУИ.

Дека наредните недели се клучни за решавање на спорот за името, навести и еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, во вчерашното интервју за Дојче веле.

„Длабоко сум уверен дека во наредните недели може да дојде до договор. Мислам дека тие сега отворија нова страница во нивните односи. Исто така и односот меѓу Скопје и Софија е унапреден. Тие сега постигнаа договор за добрососедство за кој се преговараше со години, така што мислам дека новата влада во Скопје врши прилично добра работа“, изјави Хан.

Тој и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, утре доаѓаат во Скопје, и на премиерот Заев лично ќе му го предадат Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија, а ќе разговараат за приоритните задачи што стојат пред Македонија.

Mazedonien Hauptsitz der Partei DUI in Mala Recica
Функционери на ДУИ за Дојче веле тврдат дека „е рано за реконструкција“Фотографија: DW/S. Toevski

Разговори за принципите на соработка

Токму заради тие приоритети, Владата во наредните денови ќе се посвети на обезбедување што поширока поддршка во парламентот.

„Неопходно е проширување на парламентарното мнозинство со нови коалициски партнери поради сериозните прашања што претстојат и за поефикасна работа на Собранието и на пратениците“, најави премиерот Заев.

Повеќе:

Владата пред реконструкција: Кој нема резултати, ќе си оди!

Изми, минатизми и попатни национализми

Иако разговорите се во рана фаза, извори од ДУИ велат оти е сѐ поизвесно дека кон мнозинството ќе се приклучи скопското крило на „Беса“ предводено од Африм Гаши и најверојатно ДПА на Мендух Тачи. Разговори за таа цел се водеа во текот на викендот со двете крила на „Беса“ - едното предводено од Африм Гаши и другото предводено од Билал Касами. Во моментов не се водат разговори за тоа кои позиции би ги добиле тие. Гаши вели дека досега се разговарало само за принципите врз кои треба да се темели идната соработка - за заемни консултации за важните прашања, за политиките за битка против корупцијата, за реформските процеси, и дека во оваа фаза воопшто не станало збор за кадровски решенија со кои би партиципирала оваа партија.

Такви разговори не се водат единствено со Алијансата за Албанците предводена од Зијадин Села. Оваа партија во повеќе наврати потенцираше дека нема да биде дел од оваа владина структура, туку има цел да биде дел од идната Влада, по победа на предвремени парламентарни избори.

Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Од ВМРО-ДПМНЕ критикуваат дека Владата е посветена само на прашањето на името (фото: премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски на средба во Скопје, 4.03.2018)Фотографија: Regierung der Republik Mazedonien

ВМРО-ДПМНЕ: Само декларативни заложби

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикуваат дека Владата е посветена само на едно прашање и дека е недозволиво сите други сфери да останат во сенка на разговорите за името.

„СДСМ ветуваше дека земјата ќе ја внесе во ЕУ и НАТО за шест месеци, а сега сме сведоци на растечка корупција и критики во круцијални делови од извештајот“, посочуваат од најголемата опозициска партија.

„Оваа влада не покажа ниту минимум волја за борба со финансискиот криминал. Иако најавуваше, власта 11 месеци нема отворено ниту еден случај за криминал против државни функционери. Сведоци сме само на случаи кои се најавуваат од страна на Зоран Заев и потоа нема никаква завршница, откако лицата кон кои била упатена пораката ќе си ги подмират долговите“, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, не се доволни декларативните заложби на власта за ЕУ-интеграција, затоа што државата и граѓаните имаат потреба од функционални институции и ефективна примена на правото, а СДСМ тоа не го обезбедува.