Разговори за името - равенка со многу непознати
16 јануари 2018„Следните две недели може да се покажат во голема мера одлучувачки за севкупниот напредок на разговорите меѓу Атина и Скопје“, пишува весникот „Катимерини“, пред утрешната средба (17-ти јануари) на медијаторот на ОН, Метју Нимиц, со преговарачите на двете земји во Њујорк. Се очекува средбата да биде индикатор за натамошната постапка, со оглед дека од медијаторот се очекува да постави рамка за суштински напредок во надминувањето на разликите за името. На маса ќе биде ставен конкретен предлог, но како што изјави Нимиц за грчката национална телевизија, тој предлог нема да биде нов.
„На новата средба ќе излезам со предлог идеи за кои се зборувало претходно, но секогаш постојат различни начини како се гледаат работите“, изјави Нимиц.
Повеќе на темата:
-Нимиц гледа напредок во спорот за името
-Акст: Во спорот за името македонската страна има мала предност
-Македонско-грчкиот спор пред решение
Ова е во согласност со она што беше договорено на последната средба меѓу шефовите на дипломатиите, Никола Димиров и Никос Коѕијас во Солун, на 11-ти јануари. Двајцата преку соопштение изразија „заедничко очекување дека на претстојниот состанок на 17 -ти јануари, г. Нимиц, ќе стави на маса инцијална рамка со која суштински ќе се напредне во надминувањето на разликата околу името“. На средба Димитров и Коѕијас разговарале за методологијата, за пристапот на двете страни, како и за рамката на процесот за надминување на разликата околу името, и се сложиле да имаат подиректна улога во разговорите. Тоа ќе го реализираат и преку работни групи предводени од нив, а првата средба на работните групи би се одржала во февруари, со главна цел да се се деблокира процесот, доколку се соочи со проблеми.
Велигден како временска рамка?
Според грчките медиуми, за Коѕијас и Димитров не постои луксузот време, и желбата е да се дојде до прифатлив предлог за името најдоцна во април, ако е можно, дури и пред Велигден (8-ми април). Април како временска рамка бил посочен и од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на неодамнешната средба со Коѕијас.
Медиумите во Грција општата клима ја оценуваат како „позитивна“ пред утрешната рунда разговори во Њујорк. Но, пишуваат дека Атина останува претпазлива во однос на можната средбата на Светскиот економски форум во Давос (23-26 јануари) меѓу премиерите на Грција и Македонија, без оглед што Заев е подготвен за средба со Ципрас. Повикувајќи се на извори од Владата, грчки медиуми пренесуваат дека таква средба би била ризична ако не е од суштинско значење, односно ако дотогаш нема предлог за решение за кој имало рефлексија на прифатливост од двете страни. Ставот дека „премиерите по правило се вклучуваат во разговорите, во фаза кога повеќето од разликите се надминати“, го потенцираат и од македонското МНР, но сметаат дека средбата во Давос „не е од тој вид“, бидејќи и двајцата премиери таму се гости. Сепак, резервите на грчката влада биле насочени кон избегнување комуникација во која ќе има „експлозија“ на оптимизам, како што имало и пред преговорите за кипарскиот проблем, а кои лани во јули спласнале и покрај преходната „премногу позитивна атмосфера“.
Деновиве со свои колумни посветени на спорот за името, неговата генеза и актуелни предизвици, се огласија и повеќе грчки амбасдори кои своевремено биле вклучени во процесот за надминување на разликите. Дел од нив укажуваат на големиот број важни прашања што во пакетот треба да бидат затворени, но и предупредуваат на натамошни можни долгорочни геостратешки последици последици (за регионот) многу поголеми од сегашните, доколку спорот остане нерешен. Провејуваат и прашања од типот дали е доволна конструктивноста и позитивната атмосфера, и евентуални примери на добра волја, како на пример, преименување на аеродромот во Скопје, како што во времето на Глигоров е повлечено сонцето од Вергина од македонското знаме во 1995 година. Односно, дали постои слична „подготвеност да се елиминираат сите случаи на иредентистичко однесување, пред се во општо-образовната политика“, притоа со забелешка дека процесот на преговори секако не треба да се оптоварува со прекумерни амбиции, но дека би било добро барем да се утврдат главните насоки во кои ќе се гради довербата.
Интегративни преговори
„Но, она што ја загрижува главно Атина, е можно повлекување во последната минута од причини поврзани со внатрешно-политичката ситуација во Македонија“, пишува „Катимерини“. Како пример се наведува тесното мнозинство на владејачката коалиција во парламентот, прашањето дали владата ќе може да спроведе реформи кои бараат двотретинско мнозинство, вклучувајќи и поддршка за евентуално решение за спорот, прашањето за референдум, каков и кога...
„То вима“ според поединечни информации во врска со разговорите, пишува дека „се чини оти некои делови од договорот е полесно да се направат, но за останатите, како што е опсегот на употреба на името (ерга омнес), и изведени термини за прашања како што се етничката припадност, јазик, пасош - е многу тешко да се најдат“. Весникот потесетува дека индикативно за таа тешкотија е и тоа што во паралментот во Скопје 80 од 120 пратеници треба да гласаат за ерга омнес „а 51 од нив и припаѓаат на тешката националистичка опозиција“.
Но, такви предизвици има и во грчката владина коалиција, каде постојат уверувања дека коалицискиот партнер на Ципрас, претседателот на АНЕЛ - Панос Каменос, сепак, немало да го попречи договорот. Но, според „То вима“ ова прашање веќе станува катализатор за развојот на настаните во земјата, предизвикува поделби и прераспределува сојузи.
Сепак, не изостануваат ни повици да се учи од грешките во минатото.
„Преговорите, всушност, имаат лице кое е строго дистрибутивно, односно едно што добива, и друго што губи. Ова е многу интензивно кога има само едно прашање кое треба да се разгледа на преговарачката маса. Постои широк спектар на економски, дипломатски и геополитички односи, во кои можат да се идентификуваат победничките конвергенции. Тоа може да се постигне само преку т.н. 'интегративни' преговори за широк опсег на нашите билатерални односи, начинот како тие ќе бидат утврдени во решение за прашањето за името и можното идно пристапување на Македонија во ЕУ и во НАТО. Интегративните преговори бараaт учесниците да седат на иста страна на масата, со цел сите да добијат. Со други зборови, нема потреба да губи господинот Заев да победи господинот Ципрас. Сите страни можат да победат се додека знаат да преговараат“, пишува „Катимерини“.