1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радован Караџиќ: Човекот со многу лица

Марина Мартиновиќ
20 март 2019

Хашкиот трибунал денеска ќе го каже последниот збор во случајот на Радован Караџиќ осуден за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид. Како течеше неговиот пат од психијатар и поет до хашки затвореник?

https://p.dw.com/p/3FJdP
Den Haag Bosnien Niederlande Radovan Karadzic Internationaler Strafgerichtshof
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. van Lonkhuijsen

Тој е човек со многу лица: психијатар, поет, политичар и за многу луѓе во БиХ воен злосторник кој и самиот е случај за психијатрија. Радован Караџиќ е, имено, осуден за најтешки воени злосторства кои се сторени за време на војната во Босна и Херцеговина. На таа линија и обвинителството во Хаг го товареше за дека  како тогашен политички лидер на босанските Срби сноси одговорност за геноцидот во Сребреница, но и за злосторства против човештвото, прогон, убивање и мачење, како и кршење на меѓународното воено право во случај на опсадата на Сараево. За оваа последна точка нема сомнеж, истакнува германскиот стручњак за Балканот, Франц-Лотар Алтман во разговорот за ДВ. „Во тој случај е пукано врз цивилно население и тоа е бомбардирано. Тоа е јасно воено злосторство“, вели Алтман.

Меѓутоа, како еден во суштина многу интелегентен човек можел да се претвори во лице кое се смета за одговорно за толку тешки злосторства? Радован Караџиќ, роден 1945. година во едно црногорско село, од својата 15. година живеел во тогашниот мултикултурен град Сараево, но потекнува од семејство кое во своите редови имало четници. Од оваа семејна заднина очигледно никогаш не успеал да се дистанцира.

„Српски борбен дух“

По преселбата со своето семејство од црногорските планини во пулсирачкото Сараево, завршил медицинско средно училиште, потоа студирал медицина, поминал една година на дошколкување на универзитетот Колумбија во Њујорк и потоа отворил докторска ординација на Пале.

Бил познат по своето поетско делување. Но, „како од оваа личност која имала толку лица, станал политичар кој застапувал една изразено националистика насока, тоа е веќе феномен“, објаснува Франц-Лотар Алтман. Неговите националистички погледи можат да се забележат уште во неговата поезија, додава тој, бидејќи веќе тогаш Карџиќ зборува за „борбениот дух на Србите“. „А тогаш го запознал Добрица Ќосиќ кој бил националистички романсиер и кој влијаел врз него. Тоа очигледно уште посилно го турнало во национализам.“

Den Haag Urteil gegen Serbenführer Radovan Karadzic wegen Völkermordes wird erwartet
Изрекувањето на првостепената пресуда за Караџиќ беше проследена со протести пред Трибуналот во Хаг на роднините на жртвитеФотографија: DW/B. Riegert

Но, Добрица Ќосиќ не е единствениот кој влијаел на светогледот на Караџиќ, тој во Белград го запознал и Слободан Милошевиќ кој исто така во Хашкиот трибунал беше обвинет за воени злосторства, но почина пред изрекувањето на пресудата во 2006. година. Тој во средината на 80-тите години во затвор го запознал Момчило Краишник, својот подоцнежен политички другар кој во Хаг е осуден на 20 години затвор поради воени злосторства. Тогаш Караџиќ поминал 11 месеци во притвор поради обвинување за проневера на пари. Иако е осуден со превостепена пресуда, со второстепена пресуда е ослободен. Имено, во меѓувреме Српската Демократска Партија, на која беше претседател, стана една една од партиите кои дојдоа на власт, па така и Караџиќ како политичар дојде на власт.

„Непријателска слика“ за муслиманите

Тој, меѓутоа, не е единствениот кој тогаш живеел со своите националистички идеи. Тоа време во поранешна Југославија е обележано од сеприсутен национализам. Словенците, Хрватите и другите народи се сметаа за поттиснати од страна на Белград и на Србите кои се наоѓаа на високи позиции и сакаа да излезат од Југославија. Тоа го сакаше и Босна и Херцеговина. Но, српските политичари тоа не сакаа да го прифатат. И така започна крвавото подглавје на воената историја на земјата. Караџиќ во тоа време како политичар сѐ посилно за себе створи една „непријателска слика“ за муслиманите „која очигледно била еден вид пренесување на некогашната непријателска слика кон Османлиите“, објаснува Алтман. „А муслиманите, Бошњаците, за него се еден вид потомци на Османлиите против кои Србија, српскиот народ, толку долго се бранел и борел“.

Бошњаците и Хрватите на референдумот на 1. март 1992. година се изјаснија за независна Босна и Херцеговина. Србите го бојкотираа референдумот. Еден месец подоцна изби војната. Во областите во кои Србите беа мнозинство е прогласена Српска Република БиХ која потоа е преименувана во Република Српска, а чиј прв претседател беше токму Радован Караџиќ. Она што следеше во наредните години беше: убивање, мачење, бегства, протерување на секоја страна и геноцид во Сребреница. За извршување на масакарот во Сребреница во Хашкиот рибунал му се суди и на главниот командат на српските сили во БиХ Ратко Младиќ. Бидејќи, нему силите на ОН во јули 1995. година без отпор му ја препуштија Сребреница која тогаш службено беше заштитена зона на ОН и засолниште на илјадници бошњачки бегалци.

Bosnienkrieg
Ратко Младиќ и Радован Караџиќ за време на војната во БиХФотографија: picture alliance/dpa/Stringer

Се криеше 12 години во Србија

Двајцата, Младиќ и Караџиќ, по војната со години успешно се криеја во Србија. Караџиќ не само што зеде друг идентитет како доктор Драган Дабиќ и го промени својот надворешен изглед така што тешко можеше да се препознае, туку тој, „очигледно имал и голем број симпатизери, кои му помогнале и кои секогаш кога е преземана некоја акција за апсење предходно го предупредувале“, вели Алтман. Но, поради значителниот притисок кој ЕУ го вршеше врз Србија конечно да ги предаде хашките обвинети и апелот на неговата сопруга да се предаде на властите, по 12 години криење во Белград е уапсен Радован Караџиќ. Речиси 3 години подоцна е уапсен и Ратко Младиќ- во едно место во Војводина.

Пресудата на Хашкиот трибунал за случајот Караџиќ е, како што тоа го нагласи главниот обинител на Трибуналот Серж Брамерц, историска. Таа е историска и поради тоа што конечно ќе се разјасни дали Караџиќ го наредил масакарот во Сребреница или судот ќе го ослободи од политичка одговорност за убиството на над 8.000 мажи и момчиња муслимани.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи