1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радикализација на муслиманите во Бугарија?

24 април 2011

Во ниту една друга земја од ЕУ муслиманското население процентуално не е толку бројно како во Бугарија. Набљудувачите ги вознемирува засилената финансиска поддршка од Саудиска Арабија на муслиманските верски заедници.

https://p.dw.com/p/10vcH
Фотографија: AP Photo

Бугарската тајна полиција се сомнева дека Саид Мутлу, имам во Сарница, е член на исламистичка организација. Мутлу го смета за апсурдно обвинувањето дека проповеда радикален ислам:

„Постои само еден ислам. Што е радикално во нашата намера во оваа земја да воведеме нова, чиста, религиозна свест? Исламот е вистинскиот пат.“

Училиштето во задните простории на џамијата требаше да се затвори уште пред пет години. Според тајните служби голем е бројот на вакви училишта. Ова училиште наводно е финансирано од организацијата Ал Вакф ал Ислами од Холандија, која е забранета поради учество во терористички напади.

Бугарските муслимани не се доселеници

Bulgarien Muslime Demonstration
Сиромашните села добиваат финансиска помош од Саудиска АрабијаФотографија: BTA

Бугарските муслимани, за разлика од оние во запaдноевропските земји, не се доселеници. Еден дел од нив му припаѓа на турското малцинство, другите се таканаречени Помаци, исламизирани Бугари. Повеќето од нив практикуваат умерен ислам.

Водачите на верската заедница во Софија се противат на генералното сомневање. Надлежниот муфтија во Бугарија, Мимин Бирали вели:

„Ние ги поддржуваме тајните служби и јавното обвинителство во борбата против радикалните муслимани. Но, обидите за радикализација доаѓаат од странство. Ние сме лојални граѓани на нашата земја, и покрај големото потиснување од страна на комунистичкиот режим.“

Јавноста не е доволно информирана

Истрагата е во надлежност на јавното обвинителство во Пазарџик. Во моментов се вршат претреси во домовите на повеќе градоначалници и имами од муслиманските села. Сепак јавниот обвинител не дава изјави. Медиумите добиваат сосема скудни информации.

Но, тоа не е добро за демократскиот развој на Бугарија, предупредуваат критичарите. Тоа е опасно исто како и исламизмот кој е во пораст. Експертот по политички науки Димитар Аврамов истакнува:

„Обидите за ширење на радикализмот не се само напад против нашата земја, туку и против целата ЕУ. Во секој случај тие мора да се спречат. Во спротивно постапувањето на нашите тајни служби и на нашите власти ќе мора да се промени. Тие се‘ уште работат според старите комунистички принципи, формираат држава во држава, без пристап за медиумите и јавноста.“

Сиромаштијата поттикнува радикални идеи

Bulgarien Land und Leute Moschee in Shumen
Џамија во ШуменФотографија: J. Sorges

Во борбата против исламистите покорисна од тајните служби би била економската помош. Областите каде живеат бугарските муслимани, често се неразвиени и во нив владее голема сиромаштија, што е плодна почва за радикални идеи. Велин Белев од Универзитетот во Софија вели:

„Во сиромашните делови очигледно парите од богатите земји како Саудиска Арабија имаат големо влијание и го поддржуваат ширењето на радикалните тенденции. Да потсетам, вахабизмот е официјалната религија во Саудиска Арабија.“

Овој строг ислам, кој отфрла се‘ што е туѓо, зема замав во Бугарија. Во изминатите години во селата се изградени над 150 нови џамии, поголемиот дел финансирани од Саудиска Арабија.

Автор: Паул Туцек / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска