Радев. Има огромен притисок за укинување на бугарското вето
4 мај 2022Бугарскиот претседател Румен Радев денеска се пожали дека евроатлантските партнери вршат притисок врз Бугарија да го укине ветото за членството на Северна Македонија во ЕУ. На денот на одбележувањето на 119-годишнината од смртта на револуционерот Гоце Делчев, бугарскиот претседател е покровител на Националната конференција во спомен на Делчев.
Според Радев, во моментов во Северна Македонија „беснее антибугарска кампања и се користат секакви механизми за лобирање и притисок врз Бугарија за компромиси“.
Историски проблеми
„Притисокот е огромен и е парадоксален. За жал, притисокот е врз земјата-членка во најголем дел и помал дел врз земјата кандидат, но притисокот е поради неразбирање на длабочината на историските проблеми. Јас сум за отворање на вратата за почеток на преговори кога ќе видиме јасни гаранции за одржлив процес за заштита на нашето културно и историско наследство. Промената на Уставот и впишувањето на еден збор 'Бугари' заедно со другите делови од народот значи дека ја прифаќате европската идеја“, вели тој.
Радев смета дека европската перспектива на Република Северна Македонија нема алтернатива и е стратешка цел на Бугарија. Сепак, нејзината интеграција не може да се случи без претходно да се гарантираат правата на Бугарите во Северна Македонија и да се запре говорот на омраза. Тој на отворањето на конференцијата „Европска перспектива за добрососедски односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“, рече дека Бугарија сака да ги реши спорните политички прашања со Северна Македонија пред почетокот на преговорите за членство во ЕУ, бидејќи во последните децении има многу случаи во односите во кои бугарската доверба не била оправдана од Северна Македонија.