Радев со поддршка на барањето за јасни гаранции за Бугарите
22 февруари 2022Гарантирањето на правата на Бугарите пред почетокот на преговорите не е мешање во внатрешните работи, туку поддршка патот на Северна Македонија кон ЕУ да се заснова на европски принципи. Ова е ставот на бугарскиот претседател, Румен Радев, кој бара јасни гаранции од Северна Македонија за почитување на правата на Бугарите во државата. Според него, пред почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, треба да има јасни гаранции за заштита на бугарското културно и историско наследство во РСМ.
Бугарскиот претседател овој став им го пренел на претставници на здруженијата на Бугарите од Северна Македонија, со кои што имал средба.
„Пред да се отвори вратата за преговори, треба да се види јасен и одржлив процес на искоренување на јазикот на омразата. Бугарија сериозно ги сфаќа проблемите на македонските Бугари и високо го цени нивното мислење за тоа како Северна Македонија побрзо да го постигне членството во ЕУ“, ја пренесува МИА изјавата на Радев.
Јасни гаранции
Според него, тргањето настрана на политичките проблеми, порано или подоцна ќе доведе до блокирање на процесот на европска интеграција на Северна Македонија.
„Барам да има јасни гарации и одржлив процес на европската интеграција на Северна Македонија. Бугарија е земјата којашто сака тоа да се случи најмногу“, вели Радев.
Тој смета дека впишувањето на македонските Бугари во Уставот, освен што ќе доведе до гарантирање на нивните права, треба да биде и задолжителен услов за давање согласност од страна на Бугарија за почеток на преговорите.
Ваквата изјава следи по интервјуто набугарскиот премиер Кирил Петков за „Еуроактив“ во кое тој обелодени дека Софија и Скопје ќе испратат заедничко писмо до Европската комисија, во кое ќе се побара Брисел да биде гарант дека Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав, со став дека тоа не е билатерално прашање, туку во согласност со принципите на сите земји членки на ЕУ. Најавата предизвика реакции во Северна Македонија, каде се толкува дека ако се испрати посмото, тоа ќе знач дека „Северна Македонија самата бара бугарското барање да стане европско“.
Од друга страна, шефот на дипломатијата Бујар Османи, тврди дека нема никакво поместување од македонските позиции.
„Наше е барањето да има еден сеопфатен документ со кој се затвораат сите барања еднаш засекогаш, односно нема да има постојано појавување на нови барања. Сите елементи кои се важни за нас, според нашата државна позиција, но и оние елементи кои се барање на Република Бугарија, ќе се врзат во еден сеопфатен документ на меѓусебно, и временски зависни елементи. Тоа е наше барање, не е барање на Република Бугарија. Тоа е зацврстување на нашата позиција со гаранции дека веќе нема да има нови барања“, тврди Османи.