1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев бара дијалог и гаранции за ЕУ

ДТЗ
2 јуни 2021

Бугарскиот претседател и неговиот португалски колега кој е во посета на Софија разговараа за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/3uMP1
Mazedonien, Skopje | Präsidenten Stevo Pendarovski (Mazedonien) und Rumen Radev (Bulgarien)
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

„Проширувањето на Европската Унија не треба да се гледа механички, бидејќи ова не е спринт каде треба да завршиме во одредено време, туку заедничко патување на пријатели“. Ова го порача бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со неговиот португалски колега Марсело Ребело де Соуза, кој е во посета на Софија. Како што пренесуваат бугарските медиуми, двајцата разговарале за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, што е поддржано од Португалија.

Според бугарски „Медиапул“, Радев вели дека најважната задача за Софија и за Скопје е да го обноват целосниот дијалог на сите нивоа. „Има изгледи за интензивно проширување на дијалогот, за развој на патокази, за релевантни документи и ставови, се разбира, на сите структурни нивоа, за да се обезбедат соодветни гаранции дека процесот на проширување е ефикасен, стабилен и неповратен“, вели Радев.

-повеќе на темата: Радев кани на двостран дијалог во Софија без посредници

Како што пренесува МИА од Софија, Бугарија бара гаранции при проширувањето на Европската Унија со Северна Македонија. Бугарскиот претседател Румен Радев на заедничката прес-конференција со претседателот на Португалија Марсело де Соуза, истакнал дека португалското претседателство и лично претседателот Марсело де Соуза можат да помогнат да се најде конструктивен пристап.

„Тој пристап мора да се заснова на почитување на ставовите и проблемите на земјите за кои зборуваме и почитување на нивните позиции. Врз основа на овој пристап, гледам отворање перспектива за интензивно продолжување на дијалогот, за развој на соодветни патокази, соодветни документи и односи на сите структурни нивоа, што ќе ги дадат соодветните гаранции за нас, особено за да бидеме убедени дека процесот на проширување ќе биде ефикасен, стабилен и неповратен“, вели Радев.

-повеќе на темата: Каде води патот до Брисел - преку Копенхаген или Софија?

Тој смета дека треба да се работи на тоа да нема омраза меѓу младите во двете земји. „Кога ја формирав привремената влада, им поставив задачи на привремените министри за туризам, за образование и за надворешни работи, да размислуваат како да ги зближиме нашите млади луѓе. Наместо да плаќаме за мерки за одржување на туризмот во живот, државата треба да им даде пари на оние хотели, кои ќе обезбедат целосна поддршка за деца, ученици, како од Бугарија така и на нашите пријатели од Република Северна Македонија“, вели бугарскиот претседател. За оваа идеја станало збор и на средбата на Радев со македонскиот претседател Стево Пендаровски на нивното неодамнешно патување во Рим.

Португалскиот претседател Марсело де Соуза, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, ги поздравил напорите за дијалог меѓу Бугарија и РС Македонија. „Ги поддржуваме конкретните чекори за поддршка на дијалогот, а кревањето врева не помага, туку одмага“, изјави Соуза.

Според него, постојат европски земји со различни позиции по прашањето за проширувањето на ЕУ. Португалија, вели тој, има принципиелен став - го поддржува проширувањето на ЕУ и не сака да има предрасуди за тоа прашање. „Во однос на Западен Балкан, ние ја знаеме историјата, географијата, знаеме дека прашањата се чувствителни, не само за земјите членки на ЕУ, туку и за земјите кои сакаат да и се приклучат“, изјави де Соуза на заедничката прес-конференција со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија.