Путин ја обвинува Украина за диверзија во Крим
11 август 2016
Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина дека спроведува „терор“ врз нејзина територија. Русија тврди дека во пресметката која избувнала откако била пресретната украинската група загинале еден руски војник и еден вработен во безбедносната служба. Нападот наводно се случил за време на викендот.
Украинските власти експресно го демантираа тврдењето.
„Тоа е лажна информација“, изјави портпарол на украинскато воено раузнавање во Киев.
„Ова се алармантни вести. Нашите безбедносни служби спречија упад на територијата од диверзантска група на украинското министерство за одбрана“, изјави Путин.
Рускиот претседател ги обвини властите во Киев дека „спроведуваат терор“ и предупреди дека смртта на двајцата руски офицери ќе има последици.
„Ова е многу опасна игра. Ќе сториме сѐ за да ја обезбедиме сигурноста на инфраструктурата, граѓаните и ќе преземеме дополнително мерки на безбедност“.
Русија го анектираше Крим од Украина во 2014 по кус конфликт.
Украинскиот претседател Петро Порошенко вели дека обвинувањата од Москва се „безобзирни и цинични“.
„Овие фантазии се само изговор за следната воена закана кон Украина“. Шефот на украинскиот Совет за национална безбедност Олександр Турчинов ги отфрли обвинувањата како „хистерични и лажни“ и оцени дека Москва сака да шири страв во Крим.
Набљудувачите на ОБСЕ кои се распоредени на границата меѓу Украина и Крим не забележале никаков инцидент, но забележале дека сообраќајот бил во прекин во одреден период и дека граничарите биле во „зголемена готовност“.
Руската безбедносна агенција тврди дека во рациите изведени на 6 и 7 август биле приведени повеќе лица, меѓу нив и еден украински воен разузнувач.